Извршниот директор на БП на распит во Конгресот

Извршниот директор на БП на распит во Конгресот

Членовите на поткомисија на Претставничкиот дом го испрашуваа Хејвард за процедурите на БП во дупчењето и изградбата на подводниот извор од кој сега се излеваат илјадници барели нафта дневно.

Извршниот директор на Бритиш петролеум (БП) Тони Хејвард вели дека чувствува „голем дел од одговорноста“ за обемното нафтено излевање во Мексиканскиот Залив, како и дека е прерано да се каже што точно ја предизвикало катастрофата.

Членовите на поткомисија на Претставничкиот дом на распит четвртокот го испрашуваа Хејвард за процедурите на БП во дупчењето и изградбата на подводниот извор од кој сега се излеваат илјадници барели нафта дневно.

Конгресмените, меѓу кои и претседавачот на поткомисијата Барт Ступак, ја обвинија компанијата дека презела опасни постапки, само за да заштеди во време и пари.

Но, Хејвард на неколкупати подвлече дека не бил вклучен во донесувањето на такви одлуки, како и дека ги очекува резултатите од сопствената истрага на БП за експлозијата и потонувањето на платформата за подводно дупчење на 20-ти април.

Конгресменот Хенри Ваксман го обвини Хејвард дека не соработува со поткомисијата, а Хајвард негираше.