САД и Русија потпишаа договор за намалување на нуклеарните залихи

Обама документот го нарече важен „камен-темелник за нуклеарната безбедност и непролиферација“.

Американскиот претседател Барак Обама и неговиот руски колега Дмитри Медведев потпишаа договор за намалување на нуклеарното оружје.

Пактот потпишан во Чешката Република ја остава секоја од земјите со по околу 1.500 парчиња стратешко нуклеарно оружје.

Обајцата лидери го потпишаа пактот за време на церемонија во Прага, откако одржаа билатерална средба. Обама документот го нарече важен „камен-темелник за нуклеарната безбедност и непролиферација“.

Медведев исто така го фалеше пактот велајќи дека двете земји постигнале „нешто што пред два месеци изгледало невозможно“.

Документот го заменува Договорот за стратешко намалување на оружјето од 1991, познат под кратенката СТАРТ и уследи по речиси едногодишни разговори меѓу американски и руски претставници.

И американскиот Сенат и рускиот парламент мора да го ратификуваат договорот пред да стапи на сила.