Педесет години на пилулата за контрацепција

Педесет години на пилулата за контрацепција

Движечката сила за промоција на орални контрацептивни средства не дошла од фармацевските компании или од владата, туку од визијата на две жени – Маргарет Сангер и Кетрин Мекормик.

Во мај 1960-та година, Американската администрација за храна и лекови, ја одобри употребата на првата пилула за контрацепција во светот. Денес 12 милиони Американки ја земаат, што ја прави водечко контрацептивно средство во САД.

Кога пилулата дојде на пазарот во 1960, 30 сојузни држави веќе имаа закони за ограничување на рекламирањето и продажбата на контрацептивна терапија. Две држави едноставно ја забранија нивната употреба. Овие закони со одлука на Врховниот суд во 1965 година беа прогласени за невалидни за жени во брак, а одлуката беше проширена во 1972-та за да важи за сите жени.

Историчарката Елеин Тајлер Меј од Универзитет на Минесота, вели дека движечката сила за промоција на орални контрацептивни средства не дошла од фармацевските компании или од владата, туку од визијата на две жени – Маргарет Сангер и Кетрин Мекормик.

Сангер имала политичка моќ, искуство и врски, а Кетрин Мекормик имала пари. И двете сметале дека контрацепцијата е во функција на еманципација на жените.

Сепак, со тек на време станало јасно дека пилулата не е лек за сите социјални болести. Не ја спречи пренаселеноста, не ја намали сиромаштијата, не го намали бројот на разводи, ниту пак стави крај на несаканата бременост. Но ова контрацептивно средство исто така не поттикна сексуална револуција во 1960-те години. Наместо тоа, историчарката Меј додава дека жените ја користеле пилулата како средство за имање контрола врз нивните животи.

Но Меј вели дека денешната таблета има малку заедничко со онаа на пазарот во 1960 година.

Таа пилула имала голема количина на хормони - 10 милиграми. Сега тоа е намалено, и таа е побезбедна по здравјето.

Сепак, жените и по 50 години употреба на пилулата се соочуваат со пречки во однос на своите репродуктивни права. На многу од нив им е забранет пристапот до контрацепција. Некаде тоа е во законите, а некаде во обичаите и верувањата.

Сите одговори се` уште не се најдени, а особено како да се протолкува што во САД има поголем број бремени тинејџерки споредено со која било друга земја во индустризинираниот свет. Годинава, за прв пат од 1991 наваму, оваа бројка дури е во пораст.