Нова видео снимка на Талебан во Пакистан се чини дека го покажува лидерот на групата жив, побивајќи ги тврдењата дека загинал во ракетен напад порано годинава.
Снимката на Хакимула Месуд е објавена кусо време откако Талебан соопшти дека стои зад обидот на бомбашки напад во саботата во Њујорк. Пакистанските и американски власти велат дека не постојат докази во поддршка на ова тврдење.
На видео материјалот Месуд вели дека извештаите за неговата смрт се лага и пропаганда, како и тоа дека неговата порака била снимена на 4-ти април годинава.
Тој конкретно не го споменува Њујорк, но ветува дека „наскоро ќе се случат напади во големи градови во САД.“
Интелцентар, група со седиште во САД која ги следи исламистичките веб-страници, вели дкеа верува оти видео снимката е веродостојна.
Минатата недела, пакистански разузнавачки претставници соопштија дека поседуваат информации според кои Месуд е жив, но дека веќе нема големо влијание во талебанското движење во Пакистан.