Зошто скокна цената на нафтата?

Зошто скокна цената на нафтата?

Што носи ваквото поскапување на долгорочен план за вашиот резервоар, инвеститорите и индустријата?

Потрошувачите, индустриските гранки и политичарите го огласија алармот. Едни ја обвинуваат Организацијата на земји-извозници на нафа - ОПЕК, други ситуацијата на Блискиот Исток и во Северна Африка, трети пазарните шпекуланти. Американскиот главен обвинител Ерик Холдер дури формираше посебна работна група што ќе истражува дали дошло до измама на енергетскиот пазар. Прашањето е едно – зошто толку скокна цената на нафтата?

Енергетските аналитичари наведуваат некои од „дежурните виновници“ за поскапувањето: зголемената побарувачка во земјите со рапиден развој како Индија и Кина, ограничувањата за нафтено дупчење во американското крајбрежје, како и нестабилната политичка ситуација во некои од земјите-производители на нафта, како на пример во Либија. Но, згора на се` нафтата стана претпочитано средство за инвеститорите кои се надеваат на профит во иднина, и нивните долари понекогаш го изместуваат пазарот.

Повеќето инвестициони пари деновиве се во вид на взаемни фондови. Том Клоза од Информативната служба за нафтени цени – ОПИС , смета дека управителите на тие фондови може да имаат големо влијание на цените на артиклите, меѓу кои и нафтата.

„Веројатно никој не го крши законот, но неколку клучни потези на ваквите управители може да придвижат милиони и милијарди долари на пазарот, да се одразат на цената на артикал што е од основно значење за потрошувачите“, вели овој аналитичар. Клоза додава дека владите не може да ја елиминираат целосно шпекулацијата на пазарот, но дека е потребна извесна регулација, особено надвор од САД.

„Неконтролираната ситуација ќе чини скапо, а нафтените пазари во иднина, особено крајбрежното дупчење, се во најголема мера неконтролирани“, вели Клоза.

На состанокот во Кувајт минатата недела, генералниот секретар на ОПЕК Абдула ел-Бадри кажа дека цените глобално попрво ги движи шпекулацијата отколку снабдувањето и побарувачката. Клоза и други аналитичари не мислат дека шпекулацијата игра голема улога, но не ја фрлаат ни целата вина на ОПЕК.

Членката на ОПЕК, Саудиска Арабија, која има најголеми нафтени резерви во светот, го скрати производството а со тоа влијаеше на снабдувањето и цените, тврдат критичарите на ОПЕК. Па сепак, Клоза верува дека самите водачи на ОПЕК се загрижени за високите цени.

„Многумина умерени во ОПЕК ги мачи скокот на цените бидејќи ако продолжи вака, ќе ја отвориме вратата за алтернативни технологии, односно конкуренцијата“, вели аналитичарот на ОПИС.

Некои земји надвор од ОПЕК, а особено Кина, може да играат голема улога во форсирањето на нафтените цени, и тоа не само преку својата побарувачка, анализира Петер Зајхан, потпретседателот за аналитички прашања во компанијата Стратфор во Остин, сојузната држава Тексас. Тој се согласува со Клоза дека инвестирањето во нафтата е клучниот фактор, но вели дека и се` повеќето пари за инвестирање се важен чинител.

„Во 2000-та, се работеше за 10%, сега за 40%. Значи, толку повеќе нови пари за инвестирање, но од друга страна не повеќе од 10% пораст во снабдувањето со нафта. Разбирливо е што тоа резултираше во повисоки цени“, коментора Зајхан.

Аналитичарот на Стратфор сепак смета дека фундаменталниот закон на побарувачка и снабдување на крајот секогаш победува и дека, како што беше случај и во 1998, 2001 и 2008, цената ќе се врати во нормала.

За сите кои со нетрпение чекаат да го наполнат резервоарот, Зејхан за жал не дава конкретен одговор кога тоа ќе се случи, но гледа оптимистички знаци во друга насока – високите цени придонесоа за поштедлив однос на потрошувачите, се` поголемо користење на поекономични и хибридни возила, иако засега не гледа подем на индустрија што била алтернатива на нафтената.