Обама го брани договорот со републиканците

Обама го брани договорот со републиканците

Обама подвлече дека неговата намера за продолжување на даночните скратувања за средната класа Американци, но не и за најбогатите во земјата, во моментов нема да мине во Сенатот поради републиканско противење

Американскиот претседател Барак Обама застана во одбарана на компромисот со опозиционите републиканци за продолжување на даночните скратувања за уште две години.

Обама подвлече дека неговата намера за продолжување на даночните скратувања за средната класа Американци, но не и за најбогатите во земјата, во моментов нема да мине во Сенатот поради републиканско противење. Тој ги обвини републиканците дека го држат американскиот народ како заложник во ова прашање.

Претседателот истакна дека без компромисот, на 1-ви јануари даноците за сите Американци, без оглед на висината на примањата, ќе станеа повисоки, а на крајот на месецов два милиона Американци ќе ја загубеа социјалната помош за невработеност.

Членови на Демократската партија го критикуваа договорот. Сенаторот Хари Рид од Невада коментираше: „Вакво нешто досега не беше направено. Да бидам јасен - не ми се допаѓа многу она што беше договорено“.

Независниот сенатор Берни Сандерс од Вермонт најави дека ќе се обиде да го спречи изгласувањето на мерката.

Водачот на републиканците во Сенатот Мич Меконел го оквалификува договорот како натпартиски план што ќе спречи зголемување на даноците за сите Американци и чекор што ќе мотивира економски растеж.

Републиканците бараа даночните скратувања да продолжат и за најбогатите 2% од Американците. Тие се заканија дека ќе ја стопираат работата во Сенатот до крајот на годинава доколку не добијат таква гаранција.