Лос Анџелес лејкерс испаднаа уште во првото коло

Сан Антонио убедливо подобар во плеј-оф серијата со 4:0. Понатаму оди и шампионот Мајами.
Сан Антонио го збриша некогашниот шампион Лос Анџелес Лејкерс со 4:0 во серијата „најдобар од седум“ во плеј-оф натпреварите од Западната конференција на НБА. Натпреварот заврши со 103-82, а најдобар кај Спарс беше ветеранот Тони Паркер со 23 поени и 4 асистенции. Поради повреда, за Лејкерс не настапи најдобриот играч Коби Брајант.

Иста судбина го снајде и Милвоки. Актуелниот шампион Мајами не им дозволи ниту една победа и ги декласираше со 88-77 во последниот натпревар. Ѕвездата Леброн Џејмс најпрецизен на мечот со 30 поени, а имаше и 8 скокови.

Во преостанатите два синоќешни дуела, Бостон со победа во продолжение од пет минути успеа да избегне елиминација со победата против Њујорк од 97-90. Сепак, Никс водат со 3:1, а следниот меч се игра во Медисон сквер гарден во Њујорк. Голден стејт, пак беше поуспешен од Денвер со 115-101, со што „Воините“ поведоа со 3:1.

Вечерва играат Индијана - Атланта, Оклахома - Хјустон, а најинтересен е двобојот Чикаго - Бруклин. Чикаго води со 3:1 и има шанса да ја елиминира екипата предводена од Дерон Вилијамс, кој на последниот натпревар уфрли 32 коша, но сепак недоволни за триумф по дури три продолженија од по пет минути.