Менторството – голема придобивка за младината на САД

Менторството – голема придобивка за младината на САД

Менторите главно се волонтери, а не професионални терапевти, наставници или социјални работници. Но, и покрај тоа, велат експертите, сите тие мора да минат низ ригорозна обука и проверка.

Четири часот попладне е време кога часовите во училиштата во САД главно се завршени. Но секоја среда петоодделенецот Бери Рафенспергер од основно училиште во Њујорк останува подолго. После редовната настава го работи на читањето со неговиот ментор Тони Бочео. За нив, но и за илјадниците други вклучени во вакви или слични програми, помошта при изработката на домашните задачи е голем дел од нивниот однос, но секогаш има и повеќе од тоа.

„Сакам да имам ментор, бидејќи е слично како да имаш мајка или татко на училиште. Имате некој покрај себе со кого може да разговарате, да играте, како навистина близок пријател“, вели Рафенспергер.

„Варира, некогаш им е потребен совет за некоја домашна задача, некогаш им е потребно друштво за некоја игра, што било за тој еден час. Во секој случај, прекрасно е чувството да се работи со деца и да се споделува искуството со нив“, вели Тони Бочео.

Токму задоволството од ваквиот вид на служба е и основата на мисијата „Менторство – САД“ уште од почетоците во 1987-та година. Основачката Матилда Куомо вели дека нејзиното искуство, како мајка на пет деца, поранешен наставник и поранешна прва дама на сојузната држава Њујорк, ја убедило дека нејзините родители, училиштата и општините – сите имале корист од она што менторите им го пренеле на децата.

„Родителите се чувствуваат добро кога на децата им се помага. Тоа е природна работа. Исто е и за училиштата. И тие напредуваат бидејќи наставниците согледуваат дека на одредени деца им е потребна помош, одноство менторство.

Адел Шротер е директорка во државното училиште „59“ во Њујорк. Таа вели дека менторите во своите извештаи пишуваат дека децата дури бараат совети од нивните ментори за прашања за кои не се подготвени да разговараат со никој друг, барем не во тој момент.

„Тоа може да бидат проблеми на училиште, да биле во некаков конфликт или чувствуваат одредена тензија со пријателите. Има и такви деца кои тешко се справуваат со ситуации како развод на нивните родители. Сметам дека се работи за прилично уникатна врска“, вели Шротер.

Менторите главно се волонтери, а не професионални терапевти, наставници или социјални работници. Но, и покрај тоа, вели Матилда Куомо, сите тие мора да минат низ ригорозна обука и проверка.

„Се работи за програма базирана на висок степен на дисциплина. Ја сфаќаме мошне сериозно, бидејќи го изложувате сопственото дете во раце на волонтер. Затоа се трудиме процесот да се одвива најдобро што може“, додава Куомо.

На крајот, од мисијата добиваат сите, родителите, училиштата, општините и најмногу и најважно - децата.