Белата куќа вети целосно објаснување за вклученоста во Либија

Белата куќа вети целосно објаснување за вклученоста во Либија

Претседателот на Претставничкиот дом Џон Бејнер го критикуваше Обама дека одобрил акција без одобрение од Конгресот

Владата на претседателот Барак Обама вети дека наскоро ќе даде целосно објаснување и оправдување за натамошната армиска вклученост во судирот во Либија.

Претставници на Белата куќа најавија дека се подготвуваат да „одговорат на цела редица прашања“ за американската улога во мисијата на НАТО што дава поддршка на бунтовниците во обидот да го симнат од власт либискиот водач Моамар Гадафи. Извештајот ќе вклучи и правна анализа што ќе покаже дека владата постапила соодветно со законот од 1973-та што го ограничува овластувањето на претседателот да објавува војни, тврди Белата куќа.

Претседателот на Претставничкиот дом Џон Бејнер вторникот испрати писмо до Обама во кое остро го критикува што одобрил американско учество во акцијата во Либија без да побара одобрение од Конгресот.

Законот за воени овластувања од 1973-та налага претседателот да ги информира конгресните лидери најмалку 48 часа пред САД да преземат армиска акција. Тој исто така забранува американските сили да се вклучат во армиски операции подолго од 60 дена без претходно конгресно одобрување, а предвидува и 30-дневен период за повлекување на силите.

Бејнер тврди дека 90-те дена истекуваат во недела и дека сака објаснување до петок.

Обама го информираше Конгресот во март за одлуката да преземе армиска акција во Либија, но не побара одобрување за неа. Белата куќа редовно ги брифираше конгресните лидери за американската улога во Либија.