Со изострен слух за вибрација на секое парче дрво што го користи за изработка на гитарите, Вејн Хендерсон е познат меѓу музичарите по префинетите инструменти.
„Ме прашуваат како ги правам. Едноставно, земам добар остар нож за делкање и го отстранувам сето она што не личи на гитара“, вели Хендерсон.
Звучи просто, но за тоа е потребно долго време. Од нарачка, до готова гитара, на Хендерсон обично му требаат 5 до 10 години. 63-годишниот занаетчија почнал да прави гитари уште како млад – бидејќи морал.
„Моето семејство свиреше фолк, но јас немав пари за гитара. Отсекогаш самиот сум создавал нешто, па дојдов на идеја да направам гитара за себе. Така се` започна“, раскажува Хендерсон.
Вака го објаснува процесот на изработка: „Освен одличен материјал, мора се` да биде солидно искомпонирано. Од квалитетот на дрвото, до звукот што се добива, за се` е потребен добар слух. Можете да чуете како дрвото да ви говори додека работите на него“.
Досега Хендерсон има произведено околу 500 гитари. Тој е и спонзор на годишен музички фестивал за собирање средства за помош на млади музичари. Но, најважно, од се`, освен неприкосновениот талент за правење на гитари, Хендерсон е познат како добар пријател, кој ужива да посвири.