Времето да се реши спорот со името е токму сега

  • Јулија Велковска

Времето да се реши спорот со името е токму сега

На панел-дискусијата на конференцијата на ОМД - повик да се надмине пречката за евро-атлантска интеграција на Македонија

По вчерашното лобирање, Обединетата македонска дијаспора (ОМД) петокот во хотелот Мериот, во непосредна близина на Белата куќа, организираше панел-дискусии за актуелната ситуација во Македонија. Македонците и пријателите на Македонија од сите пет континента на третата по ред Глобална конференција на ОМД дебатираа и за напредокот изминативе 20 години од осамостојувањето.

Дебатата ја отвори првата амбасадорка на Република Македонија во САД, Љубица Ачевска, која годинава е почесен преседавач со манифестацијата.

Заменик-помошникот државен секретар за европски и евро-азиски прашања во Стејт департментот Томас Кантримен се задржа на потребата за брзо решавање на спорот со името. Потенцираше - времето да се стори тоа е токму сега.

„Се чини дека не е праведно процесот на македонската евро-атлантска интеграција да биде цврсто поврзан со ова емотивно прашање. Праведно или не, реалноста на таа поврзаност е неизбежна. Мора да се справиме со светот каков што е. Неуспехот тоа да се реши и` штети на Македонија. Ја спречува да го достигне своето заслужено место во НАТО и ЕУ и времето да се реши прашањето е токму сега“, рече Кантримен.

Компромисот може да биде болен, коментораше Кантримен, но смета дека политичката болка ќе биде привремена и вети: “Можам да ве уверам дека САД нема да ја поттикнуваат македонската влада да прифати решение што ќе претставува закана по суверенитетот, територијалниот интегритет или пак идентитетот на државата и граѓаните“.

На иста линија и Ерл Померој, поранешен конгресмен од Северна Дакота. Кажа дека независна Македонија има постигнато огромен напредок, и покрај сите препреки:

„Вршиме голем притисок за решавање на прашањето со името. Разбираме дека главнината на тешкотиите тоа да се разреши можеби не зависи само од Македонија. Но, од друга страна, се надеваме дека ќе се донесат креативни решенија, имајќи на ум дека е национален императив прашањето да затвори“, рече Померој.

Претседателот на ОМД, Методија Колоски го истакнува интензивното лобирање на конференцијата: „Дефинитивно сме мошне задоволни од прогресот на конференцијата. Вчера во Конгресот имавме лобирање, едукација за конгресмените и сенатори за македонската кауза. Посетивме околу 100 канцеларии во рок од три часа“.

Според Колоски, сенаторот Џон Мекејн изразил желба да ја посети Македонија. Од други конгресмени ОМД добила ветување дека ќе се зачленат во конгресната група пријатели на Македонија.

ОМД не го менува ставот за името – дека Македонија треба да се повлече од преговорите во ОН и дека земјата заслужува да се вика Македонија, а јазикот - македонски.

Џејсон Мико, продуцент на документарниот филм за Македонија „Име си е име“ додава – Македонија стори доволно:

„Македонија веќе го направи компромисот во 1995-та година со знамето и промените во Уставот. Сега е ред на Грција“ рече Мико.

Виктор Мизо, директор на Агенцијата за странски инвестиции наскоро очекува конкретни резултати од деловната промоција на Македонија во странство.

„Во Њујорк имавме средби со три различни компании кои се во прилично развојна фаза во разгледување на Македонија како инвестициона дестинација. Се надевам дека ќе се организираат дополнителни посети на Македонија и очекуваме почетокот на есента оваа година да добиеме конкретни резултати“, рече Мизо.

Тој кажа дека е во САД и за да го конкретизира влегувањето на американска компанија со нова фабрика во Македонија што ќе започне со работа кон средината на идната година.