Колешки во Конгресот – цимерки во Вашингтон

Колешки во Конгресот – цимерки во Вашингтон

Цимерките го минуваат летото во своите сојузни држави и се подготвуваат за кампањата за реизбор.

Керолин Малони, Мелиса Бин и Деби Васерман Шулц, сите од Демократската партија, живеат заедно во соседство во близина на Конгресот. Веќе пет години, трите делат покрив над глава додека служат како претставнички во домот на демократијата во главниот град на САД. Конгресменката Малони е сопственичка на куќата од 1993-та:

„Кога ја купив, сакав да бидам како основачите на нацијата. Кога ќе биле избрани за пратеници, живееле со повеќе колеги во една куќа и за време на вечерата разменувале идеи“.

Работат и живеат во Вашингтон за време на неделата, а викендите ги минуваат со семејствата во нивните сојузни држави. Каролин Малони е од Њујорк, вдовица. Мелиса Бин од Илиноис и Деби Васерман Шулц од Флорида се мажени и имаат деца. Васерман Шулц вели дека најдобра придобивка од животот како цимерки е пријателството:

„Ова е динамичен град и пријатно е кога дома наоѓаш луѓе кои знаат да се радуваат на твојот успех“.

Васерман Шулц последниве години имаше поддршка од цимерките во успешната борбата со рак на дојката. Годинава, пак, заедно водат битка за политичките кариери - трите се надеваат на реизбор на функциите. Мелиса Бин вели -

„Сите сметаме дека што и да се случи на изборите, нашето пријателство ќе продолжи“.

Цимерките го минуваат летото во своите сојузни држави и се подготвуваат за кампањата за реизбор. Кога ќе се вратат во Вашингтон во септември, се надеваат дека нема да споделат само доживувања од летниот период, туку уште еден мандат во Конгресот – но и уште една година заеднички живот.