Корупцијата ја разнишува правната држава

  • Сашо Митан
    Известувач Охрид

Корупцијата ја разнишува правната држава

На конференција учествуваат 150 претставници од сите 47 држави-членки на Советот на Европа, како и министрите за правда од Македонија, Црна Гора, Хрватска, Албанија и Украина.

Корупцијата е клучен фактор, пред се` за економскиот развој на една држава, изградба на здраво демократско општество, воспоставување ефикасен и образовен систем, праведно судство и ефикасна јавна администрација. Во борбата против корупцијата и организираниот криминал мора да има соработка помеѓу сите земји за да се дојде до практични резултати, беше истакнато на петочното отворање на дводневната конференција во Охрид насловена Борбата против корупцијата - интегративна спрега од домашни и меѓународни активности.

Министерот за правда на Република Македонија Михајло Манески потенцираше дека Македонија ги следи глобалните трендови на справување со овој вид криминал, а како најсилен инструмент против корупцијата е конфискацијата на имотот. Според Манески, ваквата мерка не само што има репресивно влијание врз корупцијата, туку во исто време добива и превентивно дејство засновано врз стравот дека имотот и имотната корист стекнати со коруптивни дејства ќе бидат одземени.

„Според податоците за извршените конфискации од страна на Агенцијата за управување со недвижен имот, само во периодот мај-август оваа година од извршените конфискации во 7 одделни случаи, конфискувани се хартии од вредност и недвижности во вкупен износ од околу 20 милиони евра“, кажа Манески.

Македонија успешно се справува со корупцијата, оцени министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска,.

“Министерството за внатрешни работи само во минатата година откри и реализираше случаи на корупција во кои вкупната штета на државниот буџет изнасуваше три милијарди денари“, рече Јанкулоска напоменувајќи дека поради утврдени елементи на коруптивно однесување со злоупотреба на службената положба кривично биле пријавени 214 носители на јавни функции, службени и раководни лица кои злоупотребиле речиси 1,4 милјарда денари.

Годинава, според статистиката, бројот на откриени дела е зголемен за 61,5 %. Само од Министерството за внатрешни работи биле кривично пријавени над 63 работници во последните две години.

Законите не треба само да се имплементираат, туку тие треба и да се спроведуваат, смета професорката и претседателка на „Транспарентност нулта корупција“, Слаѓана Тасева. Според неа, Македонија успешно се справува со корупцијата, но само во носењето на законите, додека делот на примената на тие мерки ситуацијата е лоша.

„Се` уште има голем проблем и со селекцијата, каде се` уште политиката има големо влијание. Нашите институции не се независни во борбата против корупцијата“, вели Тасева.

На конференција учествуваат 150 претставници од сите 47 држави-членки на Советот на Европа, како и министрите за правда од Македонија, Црна Гора, Хрватска, Албанија и Украина.