Амнести интернешенал ја повика кинеската влада јавно да соопшти колкав број на луѓе погубува годишно.
Во извештајот за смртната казна во светот, Амнести наведува дека во Кина во 2009-та најверојатно биле извршени илјадници погубувања и подвлекува дека информацијата за смртната казна во Кина и натаму се смета за државна тајна. За Кина се претпоставува и дека врши најмногу погубувања во светот – повеќе од сите други земји заедно.
Според Амнести, минатата година биле погубени барем 714 лица во 18 земји.
Директорот на Амнести за Блискиот Исток и Северна Африка Филип Лутер вели дека во некои земји смртната казна се користи за испраќање на политичка порака, за заплашување на противниците и за промовирање на политички намери.
Амнести јавува за пораст на погибувањата во Ирак на 120 минатата година. Иран и натаму е земја со најмногу погубувања во регионот, со најмалку 338.
Извештајот наведува и дека САД се единствената земја на американскиот континент која континуирано врши погубувања – 52 минатата година.
2009-тата е првата година без погубување во Европа откако Амнести води податоци. Белорусија е единствената земја која и натаму ја извршува смртната казна.