Чилеанските власти велат дека се надеваат оти првиот од 33-цата заглавени рудари, можно е да биде изваден на површината уште во вторник.
Министерот за рударство Лоренс Голборн изјави дека спасувачкиот процес ќе отпочне штом ќе се заврши со инсталирање и тестирање на сета опрема.
Според планот, еден од спасувачите треба да влезе во рудникот за да го отпочне процесот на извлекување, а по него ќе следат уште четворица спасувачи. Операцијата треба да трае до два дена.
Претседателот на Чиле Себастијан Пинера и неговиот боливиски колега Ево Моралес се очекува во вторник да пристигнат на местото на настанот и да го следат процесот. Во рудникот преку два месеца се заглавени 32-ца рудари од Чиле и еден од Боливија.