Анкета: паѓа поддршката на македонските граѓани за ЕУ

  • Борјан Јовановски
    известувач Скопје

Анкета: паѓа поддршката на македонските граѓани за ЕУ

За големо мнозинство на испитаниците - 66,5%, зачувувањето на уставното име на државата е поважно од членството во НАТО и ЕУ.

Паѓа поддршката на македонските граѓани за ЕУ. Од речиси 90%, поддршката за европските интеграции опаднала на 80%. Ова го покажува истражувањето на јавното мислење спроведено по нарачка на Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Македонија. Истражувањето го спровел Институтот за политички истражувања, врз репрезентативен примерок од 1.100 испитаници.

За големо мнозинство на испитаниците - 66,5%, зачувувањето на уставното име на државата е поважно од членството во НАТО и ЕУ. Наспроти тоа, само за 26% ЕУ и НАТО се поважни од името. Уште подрастична е разликата во однос на етничката припадност на анкетираните - за 82% од етничките Македонци името е пред НАТО и ЕУ, додека пак 78% од етничките Албанци во Македонија сметаат дека ЕУ и НАТО се поважни од името. Граѓаните, без оглед на етничката припадност, најмногу се разочарани од економската состојба во државата – 46% сметаат дека токму економијата е областа на која треба да и` се посвети најголемо внимание во процесот на приближување кон ЕУ, за 22% тоа е судството, а за 15% безбедноста.

Само 3% од испитаниците се изјасниле како граѓани на Европа, 28% се истовремено и македонски, и граѓани на Европа а 65% се чувствуваат само како граѓани на Македонија.

На оваа тема вторникот беше организирана јавна дебата. Преставникот на власта, пратеникот Александар Спасеновски од ВМРО-ДПМНЕ,тврди дека резултатите покажуваат оти ЕУ треба да го преиспита својот однос кон Македонија.

„Зошто поддршката на интеграцијата на Македонија во ЕУ се намалува? Дали ЕУ, почнувајќи од 1990-та година, кога Република Македонија почна да ја вообличува својата државност, доволно фер, доволно чесно и доволно принципиелно се однесуваше кон Република Македонија? Дали фактот дека ЕУ воспостави многу доцна односи со Република Македонија сведочи за коректниот, односно некоректниот однос на прифаќањето на Република Македонија?“, праша Спасеновски, оценувајќи дека тапкањето во место во процесот на интеграциите влијае врз ваквото расположение на граѓаните.

Наспроти ова мислење амбасадорот на ЕУ во Македонија Ерван Фуере не мисли дека во земјата расте евро-скептицизмот. Фуере вели дека Унијата е една од најтранспарентните институции и својата посветеност на земјата ја покажала преку пари и ангажман.

„Поддршката од ЕУ е огромна. Финансиски обезбедуваме околу 80 милиони евра помош. Ова се директни субвенции во земјата за реформите. Овде имаме огромен персонал, кој помага, советува, дава техничка поддршка од поединечните земји членки. Ова е многу силна посветеност, бидејќи веруваме дека е од суштинска важност за земјата да постигне успех во својата цел - да се приклучи во ЕУ“, порача специјалниот претставник на ЕУ во Македонија.