„Алекс“ е првиот ураган во Атлантикот за оваа сезона

Националниот центар за урагани соопшти дека ветриштата од ураганот „Алекс“ достигнале 130 километри на час и предвидува дека цифрата и натаму ќе расте.

Тропското невреме „Алекс“ е првиот ураган во Атлантикот за оваа сезона и се движи кон границата на Тексас и Мексико.

Американскиот претседател Барак Обама објави вонредна состојба за пристаништата во Тексас каде се очекува најголемо влијание на невремето. Со тоа Федералната агенција за менаџмент на кризи ќе може да ги координира сите напори за олеснување на кризата.

Националниот центар за урагани во Мајами соопшти дека првиот јунски ураган на Атлантикот од 1995 наваму, не е на патека што би била проблем за расчистување на нафтеното излевање на крајбрежјето на Мексиканскиот Залив.

Сепак, Американската крајбрежна гарда вели дека операцијата за расчистување на остатоците од нафтата е прекината, бидејќи невремето предизвикува силни ветришта и големи бранови.

Националниот центар за урагани соопшти дека ветриштата од ураганот „Алекс“ достигнале 130 километри на час и предвидува дека цифрата и натаму ќе расте. Центарот вели дека невремето ќе стигне на копното во среда навечер по локално време.