Македонија: Слободните и фер избори се камен–темелник на секоја демократија

  • Соња Трајковска
Мисијата на САД во ОБСЕ со апелот воедно го изрази и задоволството од постигнувањето на договор меѓу партиите за одржување на локалните избори.
„Задоволни сме што видовме дека лидерите на разните политички партии во Македонија беа подготвени да постигнат конструктивен договор кој овозможи изборите да се одржат како што првично беа закажани. Како дел од нејзиниот напредок кон зголемена евро-атланска интеграција, Македонија би требала да продолжи да ги косолидира демократските реформи и да ги засилува своите демократски институции. Слободните и фер избори се камен – темелник на
секоја демократија. Ги повикуваме македонските власти и сите граѓани да обезбедат изборите на 24 март да бидат навистина слободни, фер, транспарентни и слободни од насилство и притисоци, пишува во соопштението на мисијата на САД при ОБСЕ.

И Европската унија преку своите претставници апелира за демократски изборен процес, бидејќи само така може да се очекува позитивен извештај од ЕК за Македонија. Оваа порака вчера во Брисел, на вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими му ја пренел првиот човек на Директоратот за проширување на Унијата, Стефано Санино.

„Земјите-членки на Унијата со големо внимание ќе го проследат изборниот процес. Многу јасна и прецизна порака ми беше упатена дека успешно организирани локални избори ќе донесат позитивна слика за Македонија во Европската унија- изјави вицепремиерот Бесими по средбата. На ова средба, се појавил и помошникот на заменик-државниот секретар на САД Филип Рикер, кој заедно со Санино, освен фер избори, побарал и високо ниво на меѓуетнички дијалог и толеранција.

Од ноќеска на полноќ започнува изборниот молк кој ќе трае се до 19 часот во недела, на денот на изборите, кога ќе се затворат гласачките места.
Поднесени се 350 листи за градоначалници и 480 листи за советници. Според Избирачкиот список, во Република Македонија право на глас имаат 1.743.403 граѓани, кои ќе гласаат за градоначалници и општински совети во 80 општини и градот Скопје, на 2.976 гласачки места.

Еден ден пред изборите, утре, ќе се гласа во казнено-поправните домови, ќе гласаат внатрешно раселени лица, лицата што се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните.

Инаку шестите по ред локални избори во независна Македонија в недла ќе ги следат 8.379 домашни и 410 странки набљудувачи.

Најбројни домашни набљудувачи ќе бидат од Граѓанската асоцијација МОСТ - 3.941. ОБСЕ/ОДИХР ќе има 204, по 38 од ОБСЕ и Амбасадата на САД, 32 набљудувачи на Делегацијата на ЕУ, 17 на Централната изборна комисија на Косово, 16 од Советот на Европа, и останатите од десетина други странски амбасади.