Четворица американски сенатори испратија писмо до претседателот Барак Обама во кое бараат тој конкретно да се ангажира кај сојузниците на НАТО Македонија да добие формална покана за членство во алијансата на претстојниот самит во Лисабон.
Сенаторите Марк Бегич, Ричард Лугар, Џејмс Риш и Џорџ Воинович во писмото наведуваат: „САД треба да стават јасно на знаење дека прашањето за името не треба да се поврзува со проширувањето на НАТО.“
„Јасната покана до Македонија да и` се приклучи на алијансата на лисабонскиот самит ќе биде од корист за американската национална безбедност и глобалната мисија на НАТО“, стои натаму во писмото.
Сенаторите нагласуваат дека покрај придонесот за стабилноста и политичкиот развој на регионот, приемот на Македонија во НАТО ќе значи и охрабрување за натамошно учество во операциите на алијансата. Тие посочуваат дека Македонија има 255 војници во мисијата ИСАФ во Авганистан и е меѓу четирите најголеми придонесувачи според бројот на жители, а учествува и во меѓународните мисии во Либан и во Босна и Херцеговина.
Копии од писмото се испратени до државната секретарка Хилари Клинтон и до генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен.
Сенаторите Лугар и Риш се членови на Комисијата за надворешни работи, а Бегич на Комисијата за армиските служби на Сенатот. Заедно со сенаторот Воинович тие до сега поднеле повеќе иницијативи во Сенатот за поддршка на Македонија, а особено за нејзин прием во НАТО.
Во продолжение, разговор со претседателот на Обединетата македонска дијаспора Мето Колоски за Гласот на Америка на македонски: