Мицкоски бара резолуција за преговорите со Бугарија, СДСМ вели нема потреба

Your browser doesn’t support HTML5

Ако Мицкоски не е сигурен во својот идентитет, во јазикот кој го зборува, нема потреба да поднесува резолуции, соопштија од СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе Резолуција до парламентот во која, како што се најавува, ќе бидат дефинирани државните позиции во разговорите со Бугарија. Тој документ, според најавите од опозицијата, ќе биде обврзувачки и владата ќе мора да се движи во неговите рамки. ВМРО-ДПМНЕ го презема овој чекор зашто, како што изјави лидерот на партијата, државата немала црвени линии во процесот во Бугарија и актуелната влада тргувала со идентитетот и јазикот.

„Во самата резолуција се содржани дефинициите и јавно, повторувам и јавно декларираните ставови на МАНУ, најстариот универзитет УКИМ и МПЦ ОА-Јустинијана Прима за јазикот и идентитетот. Она што го нудиме не е авторски текст на ВМРО-ДПМНЕ, туку тоа што го дефинирале највисоките научни и општествени авторитети како заеднички државен и национален интерес“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Текстот на документот меѓу другото предвидува водење на преговорите на рамноправна основа со почитување на меѓународното право, автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.

„Оваа резолуција е документ од кој треба да произлезе национален консензус, брана за сите напади, и обиди за манипулација и ќе биде заедничкиот став на Македонија за сите, повторувам за сите важни прашања. Не е доволно да се збори за црвените линии, овој пат тие треба да се бранат. А, тоа е наша должност“, додаде Мицкоски.

Мицкоски уверува дека е подготвен за дебата, се со цел како што вели, да се испрати заедничка порака дека идентитетот, јазикот и историјата е наше право. Одговорот од власта брзо стигна - „Ако Мицкоски не е сигурен во својот идентитет, во јазикот кој го зборува, нема потреба да поднесува резолуции. Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се меѓународно потврдени и признаени и нема потреба од било каква расправа за тие прашања особено не во македонското собрание“ – соопштија од СДСМ.

Во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ја најави својата иницијатива за резолуција за разговорите со Софија, на меѓународната конференција „Преспа форум за дијалог“ беа пратени пораки дека блокадата од Софија е лош сигнал за Западен Балкан. За словенечкиот претседател Пахор, одложувањето на преговорите со земјава е политички и морално погрешно. Според еврокомесарот Јоханес Хан неотворањето преговори со Македонија и со Албанија е неуспех за ЕУ.