Рикер-Иванов: нема алтернатива на евроатлантските интеграции

  • Борјан Јовановски
Заменик-помошникот државен секретар на САД во посета на Македонија, се сретна со шефот на државата.
Американскиот заменик-помошник државен секретар Филип Рикер е во посета на Македонија. Негов прв соговорник денеска во Охрид беше македонскиот претседател Ѓорге Иванов.

Кабинетот на шефот на државата информираше дека тема на разговорот биле евроатлантските интеграции на Македонија и можностите за нивното деблокирање, во контекст на решавањето на спорот околу името.

“Двајцата соговорници се согласија дека не постои одржлива алтернатива, ниту за регионот, ниту за Македонија, освен целосна интеграција во ЕУ и НАТО”, стои во соопштението објавено по средбата Иванов-Рикер.

Според истиот извор, на средбата бил потврден и партнерскиот однос меѓу Македонија и САД и подготвеноста за интензивирање на соработката.

Рикер ја започна посетата со предавањето што го одржа на Школата за млади лидери која се одржува во Охрид под покровителство на Иванов.

Според соопштението на Амбасадата на САД со кое беше најавена посетата, покрај предавањето на покана од Иванов, Рикер за време на престојот ќе оствари и средби со владини претставници, бизнисмени и локални лидери.

Во наредните денови, американскиот заменик-помошник државен секретар ќе посети и други земји од регионот.

Ова е втора официјална посета на Рикер на Македонија од неговото именување на функцијата во Стејт департментот. Тој на домашната јавност и` е познат и како поранешен амбасадор на САД во Македонија.