Првата амбасадорка на Македонија во САД Љубица Ачевска била иницијатор на неформален клуб на амбасадорки во Вашингтон, кој функционира и денес. Таа, за Гласот на Америка, потврди дека го иницирала формирањето на овој клуб, без да сподели дополнителни детали.
Македонија денес нема претставник во клубот, бидејќи во моментов нема ниту амбасадор во Вашингтон.
Координатор на денешниот клуб на дипломатки била поранешната косовска амбасадорка Влора Читаку, додека сегашна активна членка во клубот, пак, е грчката амбасадорка Александра Пападопулу.
„Клубот е многу активен, многу важен и има различен пристап кон работите. За жал сега се среќаваме преку Зум, немаме состаноци лично, но, се надевам дека ќе почнеме да се гледаме наскоро. Сепак, и сега споделуваме пораки преку цел ден“, рече Пападопулу за Гласот на Америка.
Во клубот денес членуваат амбасадорки од 28 држави, од кои девет претставуваат претежно муслимански земји, меѓу кои Авганистан, Јордан, Мароко, Либија и Саудиска Арабија. Меѓусебе си се нарекуваат сестри во дипломатија, и заеднички организираат настани, средби во Конгресот, со претставници на американската админстрација, поранешни и сегашни високи официјални лица.
Клубот делува тивко и нема веб-страница. Преку него амбасадорките имаат можност да споделуваат важни информации и совети, како и да стекнуваат контакти, кои им се важни за работата во Вашингтон.
„Клубот е од голема помош. Јас доаѓам од држава која го поддржува напредокот на жените, но, има држави во светот каде женските права и позиции побавно стануваат дел од владината политика. Овие колешки се соочуваат со поразлични предизвици од моите. Затоа е многу важно да се споделуваат искуствата“, рече Пападопулу.
На шега вели дека балканкото лоби не е толку видливо колку што е моќно, и додава дека би сакала да соработува со идниот македонски амбасадор во Вашингтон. Една од темите, вели таа, би била и борбата против дискриминацијата на жени.
„Дискриминацијата е голема тема особено во денешното општество. Мислам дека сите треба да придонесеме со цел да елиминираме секаква дискриминација против кој и да било“, рече таа.
За клубот на жени амбасадорки во Вашингтон има и книга. Авторката Сузан Слоун вели дека книгата помогнала да влијае врз подобрување на родовата еднаквост ширум светот.
„Секоја од нив има различен лидерски стил, во смисла на комуницирање. Многу од амбасадорките со кои зборував преферираат тимска работа, наместо натпревар. Повеќето држави кои постигнаа подобри резултати во справување со пандемијата се предводени од жени. Тоа покажува како лидерството базирано на соработка им оди во корист на сите“, вели Сузан.
Таа рече дека од секоја од овие жени научила по нешто, а најважното е да не се откажува. Има и порака до мажите.
„Научите како да бидете сојузник. Кога сте на маса со жени од различни држави и со различно потекло, истакнете го нивниот глас. Не е потребно само да бидат присутни, туку и да ги поддржите“, вели Сузан.
Нејзината книга била инспирација и за женска музичка листа на сајтот Спотифај.