Загриженост за руската пропаганда во Македонија изрази демократскиот конгресмен Доналд Баер.
„Излезе дека Русија имала барем некаков ефект врз изборот на Доналд Трамп во САД, дека влијаела врз гласањето за Брегзит, во изборите во Франција и во Холандија, и оти длабоко е инволвирана и во Македонија“, изјави Баер за Гласот на Америка, на крајот на Конференцијата за македонско-американски односи во Конгресот.
Баер вели дека загриженоста е уште поголема, поради, како што вели тој, проблемите на Русија со алкохолизам, намалување на наталитетот и самоубиствата, како и поради економијата базирана единствено на нафта и на гас.
Тој вели дека САД се обидува да ја зголеми кибернетската безбедност на информациските агенции и интернетот, со цел да се заштити од руското влијание.
„Треба ова да го споделиме со Македонија, за да може и таа да има заштита на кибернетската сфера, во насока да се спречи несоодветното влијание врз граѓаните“, смета тој
Баер вели дека санкциите на САД кон Русија ќе останат се додека не почне да се однесува одговорно на светската сцена.
Тој најави поддршка на САД за влез на Македонија во НАТО, а очекува и дека наскоро државниот секретар Рекс Тилерсон, како и секретарот за одбрана ќе ја посетат Македонија.
Баер не ја исклучува можноста за посета и од американскиот претседател.
И канцеларијата на Деби Дингл, членка на Претставничкиот дом, најави зголемен ангажман за унапредување на пријателските односи меѓу Македонија и САД, преку поддршка за зачленување на Македонија во НАТО, како и актуелизирање на проблемот за името со Грција.