Стојалиштето дента е пусто. И кампот е речиси празен. Мухамед и неговите родители кои велат дека не сакаат да се вратат ниту надолу во Јунанистан (Грција), ниту во Сирија, и дека сакаат да заминат нагоре – кон „Џермани“, веќе 11 месеци се „гевгеличани“, жители на бегалскиот камп на македонско-грчката граница...
Гевгелија, февруари 2017...
Просторот од мостот, покрај некогашниот објект на фирмата „Винојуг“, па сé до фамозната Кота 59, на која и по 26 години стои граничниот камен со натпис - СФРЈ, на меѓународната железничката пруга Скопје – Солун, на самата македонско-грчка граница, е речиси морничаво празен. Иако на само два часа пред посетата на високиот гостин, шефот на австриската дипломатија во улога и на претседавач на ОБСЕ, на со жица оградениот пат меѓу лозјата и пругата, нема ни полицајци. Со колегите-фоторепортери евоцираме спомени, од периодот кога на истото место „вриеше“ од полицајци, војници, бегалци, мигранти, новинари, сниматели, фоторепортери... Кога од грчката страна од стотици грла одекнуваше „Мacedonia, open the borders!”; кога неколкумина бегалци во знак на протест си ги зашија устите; кога, реки луѓе завршуваа во кампот, и пред возовите, автобусите, такси-возилата, за дел од заштедите со кои избегале од маката - да ги пренесат на север кон македонско-српската граница да зебнат за својата иднина; кога, за жал, имаше и судири меѓу полицајците и бегалците кои фрлаа камења од пругата, кога овековечените сцени од Железничката станица од Гевгелија се пласираа низ светските медиуми...
Агрин Јусеф (24) и сопругот Хасан (29), Курди од Сирија, веќе 11 месеци престојуваат во Транзитно-прифатниот камп за бегалци во Гевгелија. Во Сирија, студирала арапски јазик, а сопругот и бил вработен во продавница за електрика. Кога стигнала во Македонија, била во петтиот месец на бременост. Се породила во Скопје и нејзиното синче Халил, првите осум месеци од животот ги поминува во кампот. Бебенцето, завиткано во ќебе, во прегратката на мајката, делува како најзгриженото, најзаштитеното дете на светот. Само, да не е тагата во очите на татко му, надвиснат над сопругата и синот...
„Сакаме да продолжиме, некаде натаму... За сигурност на детево. Пред да застанеме тука и да останеме веќе цела година, сакавме да заминеме во било која земја. Сега веќе не знаеме каде да одиме, да останеме тука или да се вратиме во Грција..., во Сирија секако, не можеме да се вратиме. Само сакаме бебево да има подобар живот од нашиот“.
А, бебето Халил сепак, не е најмладиот „жител“ на кампот. Во соседното живеалиште, во комшиската барака, мирно спие неговиот роднина Иван, роден пред четириесетина дена. Мајка му Нела (29), седната на подот крст-нозе, готви зелка, но веднаш станува и буквално, со раширени раце, ме прима во нивниот „дом“ во кој со сопругот, поранешен шивач во Сирија, двете ќерки и новороденото бебе, живее веќе 11 месеци. „Муабетот“ ни тече, главно со мавтање со раце, покажување, со збунети погледи и многу насмевки... Иако едвај се разбираме, со помош на роднината, ми објаснуваат дека Нела забременила во кампот, дека детето е родено во Скопје, и дека името му е, сепак, курдско. И, дека е среќна мајка...
Толку многу исчекување, и толку многу надеж во контејнер од најмногу 8 метри квадратни. Со сунѓери на подот, со мирис на зелка и со гугање на бебе...
На арапско-англиско-македонски микс, двете соговорнички некако ми објаснуваат дека во кампот, во моментот има само десетина семејства од Ирак и Сирија, и неколкумина поединци, вкупно шеесетина бегалци. За разлика од бегалците од пред две години и од лани, не се плашат од камерата и од фото-апаратот. Нé испраќаат до „улицата“, со бебињата во прегратки и ни мавтаат... Им посакуваме на двете мајки, од сé срце, да продолжат со своите семејства понатаму, каде што сакаат. Или, да останат во Македонија. Но, да не ги сретнеме пак тука, при следната посета.
На заминување, гледајќи нé како се обидуваме да се разбереме, убаво десетгодишно момче ми ги нуди своите преведувачки услуги од арапски на англиски. Малиот Левант не воведува во контејнерот на неговото семејство, каде единствената маса е импровизираното ателје на татко му Шерко. Осликани шишиња, скицирани портрети, разни мотиви на цртежите, моливи, фломастери, бои... Толку уметност, толку многу надеж во еден бегалски контејнер.
Заминувам со вриеж на крајно спротивставени чувства. Додека од една од бараките одекнува смеа на деца и гласови на македонски јазик од нивните воспитувачки, дел од колегите заминува со високата европска делегација на следниот настан на агендата - промоцијата на термалните камери за спречување на илегалните обиди за премин на границата. Животот тече понатаму...
Колегата фото-репортер ги прави последните фотографии: малиот Мухамед и понатаму си игра сам, трча, де лево - де десно, таму, зад мрежата.