Заев очекува уставни измени, за ВМРО-ДПМНЕ референдумот е неуспешен

И владејачката и опозициската партија имаат позиции кои засега упатуваат на можни предвремени избори

Дополнително се усложнува политичката ситуација во Македонија по синоќешните состаноци на раководствата на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

И владејачката и опозициската партија имаат позиции кои засега упатуваат на тоа дека е речиси извесно земјата во наредниот период да ја чекаат предвремени парламентарни избори.

Премиерот Зоран Заев, денеска ги отрфли како неприфатливи барањата што Мицкоски и врвот на неговата партија ги испорачаа за смена на јавниот обвинител, за анкетна комисија за референдумот, како и за формирање на техничка влада по пржинскиот концепт.

„Апсолутно се неприфатливи. Да се бара комисија која ќе проверува дали референдумот бил законски, дали имало незаконитост во неговото спроведување и слично, во услови кога претседателот на ДИК е од ВМРО-ДПМНЕ а, пак, во Управниот суд се исто така истите членови, само по себе кажува што всушност се сака со ваквите барања. Ние остануваме на нашите ставови во една пријатна атмосфера да разговараме со пратеници, верувам дека ќе имаме некакви резултати кон крајот на неделата, почетокот на идната, до 10 октомври е некој таргет до кога треба да и` соопштиме на јавноста кои се наредните чекори. Се надевам дека ќе успееме да соопштиме дека се обезбедило двотретинско мнозинство“, рече Заев.

Вели дека не посакува предвремени избори, но, и дека нема намера да преговара директно со Мицкоски, туку дека ќе се разговара со пратениците од кои може да се очекува поддршка за уставните измени.

„Со Мицкоски нема што да разговараме, дадовме кард бланш за техничка влада, ги прифативме барања за финансирање политички партии, ја формиравме ДИК со претседател од ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат тие не сакаа ниту да разговараат за поддршка на процесите кои се важни за Македонија“, вели Заев.

ВМРО-ДПМНЕ денеска ја повтори позицијата усвеона на синоќешниот ИК, дека Договорот од Преспа е политички мртов и е празно слово на хартија.

„Почитувани, Извршниот комитет на опозицијата вчера донесе заклучок со кој овој референдум го прогласи за неуспешен, заради недоволна излезност, но и ги нагласи заради бројните нерегуларности. Зоран Заев е должен да ја почитува волјата на над еден милион и две илјади граѓани кои се против овој договор“, вели Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ освен со власта се соочува и со внатрешни превирања во т.н. реформаторско крило.

Извршниот комитет синоќа го разреши од функцијата заменик-генералниот секретар на партијата Петар Богојески, кој јавно настапи со позиции спротивни на раководството.

„ВМРО ДПМНЕ во овој момент е целосно на погрешна страна на историјата, тргна во целосно погрешен правец и не е можно заедно на истиот воз во истиот правец. Се надевам за кратко ќе биде тоа констатирано и ќе биде земен друг тек“, напиша Богојески по неговото разрешување.