Од денеска до сабота напладне родителите на деца со посебни потреби организирани во „Сплотени срца“ ќе кампуваат во шатори поставени во паркот спроти Собранието во знак на протест поради лошите услови со кои се соочуваат во секојдневието. Велат дека ваквиот чекор нема каква било врска со политика, туку со потребата државата да преземе мерки за подобрување на ситуацијата.
„Кампуваме пред совеста на сите што можат да направат нешто за нашите деца, за при очи да видат и при уши да не слушнат, ако сакаат да дојдат да не видат. Ние не сме против никого, во ова нема политика. Има закони кои нормираат услови за нашите деца, некои од законите за жал се само на хартија“, изјави Зоран Мијалков, од Здружението „Сплотени срца“.
Димитар Сарпанов го раскажува патот што го минал низ институциите.
„Oва девојче има 33 години, и за тие години, никој не дошол да тропне на врата. Во 1992-та година заминав за Германија за да ја лекуваат таму и за 6 години не утврдија што и` е. Ја прашаа нашата „прекрасна Македонија“ дали има институција за ова дете и експресно беше одговорено дека има, но се вративме и од 1997-та година, никој не прашал како живееме“, изјави Сарпанов, родител на дете се посебни потреби.
До надлежните се доставени две групи барања - првиот со рок од 6 месеци и вториот што треба да се заврши за 3 години.
„Јас кажав дека најголем дел од барањата се прифатливи“, истакна Ибрахим Ибрахими, министер за труд и социјала.
Претходно се случи инцидент откако лице претставувајќи се дека е обезбедување од Град Скопје, се обидел да ги отстрани шаторите. Ситуацијата се смири откако дојде полиција.
„Две вечери ќе спиеме, во сабота во 15 часот си заминуваме како да не сме биле тука, ќе исчистиме се`, нема ниту тревата да оштетиме, град Скопје да биде среќен“, изјави Зоран Мијалков, од „Сплотени срца“.
Вакви кампувања се најавуваат за секој месец, се` додека не се исполнат барањата.