Дали Алијансата на Албанците ќе остане во владината коалиција?

Исходот најверојатно ќе биде познат утре

Утре најверојатно ќе се знае иднината на Алијансата за Албанците во владината коалиција - дали ќе остане или ќе замине од власта. Неофицијално, лидерот на партијата Зијадин Села кој е во странство, утре се враќа во земјава и треба да се сретне со премиерот Заев. Состанокот се смета за можеби последен обид да се испеглаат разликите откако и дефинитивно најголемата владејачка партија реши да го земе министерството за здравство, ресор со кој до локалните избори раководеше кадар на Алијансата - Арбен Таравари. Од владата денеска потврдија дека неврохирургот Венко Филипче, советник на премиерот за здравство, и официјално е кандидат за нов шеф на македонското здравство.

„Венко Филипче е потврден кандидат за министер за здравство, а се чекаат останатите коалициски партнери да ги достават нивните предлози за останатите испразнети места и сите во пакет како предлог на претседателот на Владата да се достават до Собранието. Се работи за технички момент кога ќе се испратат имињата. Во однос на коалицијата тоа е тоа“, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Другиот член на коалицијата ДУИ, јавно не покажува знаци на вознемиреност ако Алијансата замине од владата незадоволна зашто го губи Министерството за здравство.

„Парламентарното мнозинство е стабилно и без и со партијата на Зијадин Села, така што нема ништо што би произлегло како дилема во целиот процес“, изјави Артан Груби од ДУИ.

Проценките се дека Села и да реши да ја напушти коалицијата, нема да значи и пад на владата, која во јуни се формираше со минимално мнозинство зашто актуелната ситуација, особено по локалните избори, покажува поинакво политичко расположение во Собранието. Неофицијално, ДПА на Мендух Тачи и неколкумина независни пратеници изразиле подготвеност да дадат поддршка за владата ако двајцата пратеници на Алијанса решат да му откажат соработка на Зоран Заев.