Охрид: Ребрендирање на Македонија?

Your browser doesn’t support HTML5

Охрид: Ребрендирање на Македонија?

„Сега, ако го менуваме името ќе треба да ја ребрендираме и туристичката понуда кога ќе настапуваме на берзите. Мислам дека со тоа би се отежнала туристичката пропаганда“, велат дел од соговорниците

Решението на спорот за името ќе отвори нови перспективи и можности за државата и нејзините граѓани. Вака размислува дел од јавниот и општествен живот во Охрид, откако прашањето се актуелизираше, по најавите на медијаторот Метју Нимиц, за интензивирање на преговорите.

Новинари, бизнисмени, лекари и туристички работници, сите се едногласни, дека е време ова прашање да се затвори.

„Секако дека започнувањето на овој процес ќе има перспективи да отвори нови врати за Македонија кон светот, но и кон самата себе. Денес во 21-от век треба да размислуваме поинаку, бидејќи и проблемите се решаваат поинаку отколку што се решавале порано“, вели новинарот Симон Илиески.

„Многу време изгубивме на ова поле и затоа мислам дека спорот за името мора да се реши, но секако да остане нашиот идентитет и јазикот, и тука не смее да се задира. Сведоци сме и на одлив на млади кадри од државата“, вели лекарката Виолета Мицковска.

Со влегувањето во ЕУ и со решавање на ова прашање, ќе се отворат можности домашните компании да го зголемат сопствениот бизнис вели бизнисменот Павел Попоски.

„Јас го поздравувам овој чекор на сегашната власт, за поскоро решавање на спорот со името и влез во ЕУ и НАТО. Верувајте ќе се отворат перпсективи за нашите компании, за повеќе вработувања, поголеми лични доходи и полесно тргување со европските институции, односно претпријатија“, вели Попоски.

Тој вели дека тоа дополнително ќе ја подобри соработката и со странските партнери, а ќе ја зголеми и нивната сигурност за компаниите од регионот.

Но, Олег Маленко кој е сопственик на туристичка агенција вели дека евентуално ново име на државата ќе донесе проблеми во туристичкиот сектор.

„Секаде каде се нуди Македонија како туристичка дестинација, се нуди како Македонија и како Охрид. Сега, ако го менуваме името, ќе треба да ја ребрендираме и туристичката понуда кога ќе настапуваме на берзите. Мислам дека со тоа би се отежнала туристичката пропаганда“, рече сопственикот на туристичка агенција од Охрид, Олег Маленко.

Во меѓувреме, изминатиов период во Охрид и Струга беа поставени билборди на кои беа испишани пораки да се стави крај на преговорите со името на државата.