Тајната полиција препорачува да и` се одземе монополот во следењето на комуникациите, преку преместување на овој клучен систем од УБК на некое друго место. Ваквата подготвеност на најважната разунавачка организација во Македонија за отстапки од веќе стекнатите надлежности сепак е поттикната од наодите на групата на Прибе, која направи опсежна анализа во која насока треба да се движат реформите во УБК. Едноставно кажано, треба да се тргнат т.н. свичови, медијациските уреди за конекција меѓу сигналот и провајдерот од УБК.
„Препораките се дека треба да се одзмеме монополот на УБК. Јас како директор го потпишувам секој извештај што оди во обвинителството. Таа моја позиција ми дозволува да бидам запознат со секое следење на комуникациите од која било институција. Тоа е тој монопол. Поентата е тоа да се тргне како можност“, изјави Горан Николовски, директор на УБК.
Се разгледувале 4 опции за како тоа да се направи - првиот: свичовите да се префрлат кај провајдерите, вториот - нивно преместување во обвинителството, третиот е формирање независно тело за контрола и четвртиот - за кривични дела свичовите да бидат кај провајдерите, а за прашања за безбедноста на државата да останат во УБК. Најприфатлива опција била третата, која владата и ја прифати, – создавање независна владина агенција која ќе биде надлежна за апсектот на техничкото следење на комуникациите. Агенцијата, како што објаснува Николовски, по добивањето на наредбата, само би го „вклучила сигналот“, без да има можност да „слуша“. „Слушањето и собирањето податоци“ ќе го врши надлежната институција.
„Овие ќе може да вклучувааат, а не и да слушаат. Овие ќе може да слушаат, а не и да вклучуваат“, вели Николовски.
Образложението на Николовски беше дел од дебатата за реформа на УБК, откако оваа институција се најде во центар на скандалот со незаконско прислушување.
„УБК со свој концепт на функционирање беше предмет на класична и континуирана политичка злоупотреба, преку која политичко-бирократскиот естаблишмент ја генерираше општата коруптивност на општеството“, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Безбедносно-разунавачкиот систем на Македонија одамна требаше да се реформира“, истакна професорот Томе Батковски.
Владата веќе формираше работна група која ќе бара конено утврдување на решението за насоката на реформа во безбедносниот систем. Оваа група до крајот на годината треба да понуди формален предлог.