Хеликоптерите беа дел од исклучително силното обезбедување во кое учествуваа најмалку стотина полицајци и оклопни возила, распоредени околу судскиот комплекс во Скопје, каде денеска, по речиси две и пол години од кумановските настани, беа донесени пресудите.
Триесет и тројца од обвинетите за 28-часовната вооружена престрелка во кумановското Диво насеље, во која загинаа 8 полицајци, добија вкупна затворска казна од 755 години за кривични дела тероризам и организирање терористичка организација. Седуммина од нив завршија со доживотен затвор, 13 добија по 40-годишни казни, шестмина 20-годишни, еден беше осуден на казна од 18 години затвор, двајца на затвор од по 14 години, двајца по 13-годишни казни и двајца по 12 години затвор. Пред да бидат изречени санкциите поголем дел од обвинетите, во знак на протест, станаа од столчињата извикувајќи УЧК, УЧК...
Судот нареди веднаш да бидат изнесени од салата. Пресудите беа прочитани пред четворица обвинети кои судот ги ослободи од делата за кои беа товарени. Пресудата требаше да биде донесена пред две седмици, но беше одложена поради локалните избори. На 9-ти и на 10-ти мај 2015-та година, во Диво насеље во Куманово вооружена група, чии членови повеќето од Косово, се соочи со полициските сили. Притоа загинаа осуммина полицајци, а четириесетина беа повредени. Ликвидирани беа дестемина припадници на групата.