„Не сите точки од Декларацијатра на албанските партии, која предизвика јавна дебата и осуда на дел од политичките субјекти во Македонија, ќе бидат дел од владината платформа“, изјави лидерот на ДУИ по средбата на партискиот врв. Според Ахмети дел од таа декларација е опфатен во програмата на идната влада, а за прашањата кои се изоставени, без да прецизира кои, јавно и транспарентно, како што вели, ќе се дебатира во иднина.
„Декларацијата е во корист на Македонија и на регионот - содржи многу важни прашања како што се членството на земјата во НАТО и во ЕУ, економскиот раст, рамномерен развој и во основа главните елементи се вклучени во владината програма. Но, постојат прашања во Декларацијата кои треба да бидат подложни на јавна дискусија и не се тајни, затоа тие прашања во иднина ќе излезат во јавноста за да се дебатираат“, кажа Ахмети.
Тој доцна синоќа разговараше со партиското раководство за „градење на политиките како дел од извршната власт“ заради, како што изјави, поголем успех во реализирањето на програмата. ДУИ засега најверојатно ќе ги задржи ресорите што ги имаше – економија, локална самоуправа, животна средина, и според најавите на Ахмети, партијата ќе ја замени министерската позиција во образование за онаа во здравство. Се` уште не се конкретизирале кадровските предлози за министри. Иако се споменуваше како едно од сериозните решенија за МНР, партиската потпретседатeлка Теута Арифи најверојатно нема да биде дел од новата влада. Таа како што изјави, би сакала да се кандидира за нов градоначалнички мандат во Тетово.