Скапароти: Со нетрпение очекувам да станете 30-та членка на НАТО

Your browser doesn’t support HTML5

Првиот човек на американските сили во Европа, генералот Куртис Скапароти е прв висок воен претставник на НАТО којшто доаѓа во Македонија, по поканата за прием на државата во Алијансата

Низа пофалби за напредокот, но и пораки дека многу работа се` уште претстои. Oва е суштината на изјавата на првиот човек на американските сили во Европа - генералот Куртис Скапароти, кој е прв висок воен претставник на НАТО којшто доаѓа во земјава, по поканата за прием на Македонија во Алијансата.

Тој порача дека сојузниците ја препознаваат подготвеноста на Македонија да ја преземе лидерската улога во Западниот Балкан, манифестирана преку учеството во низа регионални иницијативи, чија цел е зголемена безбедност во овој дел од Европа. Според него, со нетрпение се очекува полноправното членство на Македонија, процес во кој има и предизвици.

„Преку долгогодишното партнерство со НАТО, вашата земја веќе постигна значителен напредок во одбранбените реформи и воената интероперативност со сојузниците. Препознавајќи ја историската покана на сојузниците за почеток на пристапните преговори со НАТО, препознаваме и уважуваме дека предизвиците остануваат пред вас и дека претстои многу работа. Вашата држава гради светла иднина и напредува. НАТО ги споделува вашите заложби за владеење на правото, сигурност и безбедност во регионот. НАТО ја споделува вашата посветеност на демократијата, владеењето на правото, како и безбедноста и стабилноста во регионот. Вашата континуирана поддршка е важна не само за Западен Балкан, туку за цела Европа. Со нетрпение очекувам да станете 30-та членка на НАТО“, истакна Скапароти.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, потенцираше дека сега е важно 25-годишната определба на граѓаните на Македонија за членство во НАТО, да се потврди и обезбеди, при што, како што кажа, еден од клучните чекори ќе биде претстојниот референдумот за договорот со Грција, документ што и` ја овозможи деблокадата на зачленувањето во Алијансата.

„На референдумот очекуваме граѓаните да го препознаат својот интерес, интересот на Република Македонија, интересот на државата и идните генерации и да гласаат позитивно. Изборот е јасен, иднина или изолација, членство во НАТО и ЕУ или уште една изгубена деценија“, изјави Шекеринска.

Скапароти ја проследи показната вежба во касарната „Илинден“ чија цел е да покаже колку македонската армија е интероперативна со НАТО – сојуз чија членка Македонија, треба да стане најдоцна за година и половина, под услов претходно да ги исполни обврските преземени со Договорот од Преспа.