Пред посетата на Хан - засилена македонско-грчка дипломатија

Your browser doesn’t support HTML5

ЕУ заинтересирана за решавање на спорот со името

Никола Димитров оваа недела, Бујар Османи наредната седмица - во само неколку дена двајцата најистурени надворешно-политички членови на владата се сретнаа, или ќе се сретнат со Никос Коѕиас.

Состанокот меѓу македоскиот и грчкиот министер за надворешни работи беше на „неутрален“ терен - во Брисел, каде Коѕиас партиципираше и на неформалниот појадок на земјите „пријатели на Македонија“. Првиот грчки дипломат, пак, на почетокот на наредната недела треба да му биде домаќин на вицепремиерот за евроинтеграции.

Ваквата ситуација на чести средби, според соговорниците на Гласот на Америка, е само потврда дека климата меѓу Скопје и Атина се подобрува, што е клучен предуслов за рестартирање на процесот на Метју Нимиц.

Средбата на посредникот со претставниците на двете земји, наместо идната недела, ќе се одржи наредниот месец. Наспроти информациите во грчките медиуми, дипломатски извори за Гласот на Америка велат дека е речиси неверојатно на тој состанок медијаторот да понуди предлог-пакет за името. Како што објаснуваат, се очекува Нимиц да го испита „теренот“ кај двете страни по неговата последна посета на регионот летово, за да утврди во која насока треба да се движи процесот. Моментум на ситуацијата може да и` даде и посетата на солунскиот градоначалник на Скопје кој, невообичаено се сретна со целиот државен врв – претседателот, премиерот, министерот за надворешни работи.

„Ако соработката е добра на основата, меѓу луѓето, тогаш повисоките проблеми полесно ќе се решат“, изјави градоначалникот на Солун, Јанис Бугатис.

„Политичарите од двете земји имаат обврска да ги отворат перспективите на граѓаните. Политичарите може да излезат како победници ако изнајдат решение на овој децениски проблем“, подвлече премиерот Зоран Заев.

И ЕУ се интересира за прашањето за името кое било начнато на бриселските состаноци на Османи и Димитров. Многу е веројатно пак да биде отворено и на претстојната посета на еврокомесарот Хан на Македонија.