Две албански партии од опозицијата бараат проширување на уставните измени

Your browser doesn’t support HTML5

Премиерот и ДУИ не го поддржуваат условувањето на процесот со овие барања

Извесно е дека барањата на опозициските партии од албанскиот блок за уставни измени за унапредување на статусот на Албанците нема да поминат кај владејачкото мнозинство. Иницијативата на БЕСА на Касами, која веќе достави свои предлози до владата, како и најавите за слични чекори на Алијансата за Албанците на Села, во пакет со измените поврзани со Договорот од Преспа да влезат и дополнителни амандмани, денеска доби одговор од премиерот. „Нема да дозоволиме ширење на Пандорината кутија во Уставот“, порача Заев.

„Јас ги разбирам потребите на луѓето да отворат дебата, да дадат предлози, посебно креативноста на опозицијата и слично, но на крајот знам дека никој нема право и нема да направи каква било условеност на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Веројатно нема да дозволиме ширење на Пандорината кутија во уставот. Тоа го знаат сите, а ред е и јас да го потврдам. Парламентот е конечно тој што одлучува. Ние сме само предлагачи“, рече премиерот Зоран Заев.

Предлозите на албанската опозиција немаат поддршка ниту кај владејачката ДУИ, која ваквата иницијатива ја смета само за пропагандна во пресрет на решавање на клучниот проблем за името. Од партијата на Ахмети сметаат дека прашањата кои БЕСА и Алијансата сакаат да ги „решат“ веќе се адресирани со законот за употреба на јазиците и дека затоа нема никаква логика да го условуваат конечното гласањето за уставните измени со нивни дополнителни барања. Владините партнери се уште ги формулираат нацрт-амандмани кои наредните денови треба да бидат финализирани и да бидат пратени во собранието.

„Амандманите ги работиме не само заедно со различните пратенички групи, туку и заедно со неколкумина експерти кои ја познаваат уставната материја. Премиерот ги водеше овие разговори со пратеничките групи. Ние ќе имаме дебата внатре во Владата на Република Македонија. Нашиот фокус за уставните измени се однесува на прашањата што произлегуваат од Договорот во Преспа. Има дискусии кои се присутни овие денови, но што и да ви кажам денеска ќе биде шпекулација“, рече вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шеќеринска.

Откако нацрт-амандманите ќе стигнат во Собранието, според деловникот, мора да поминат најмалку 30 дена за одржување на пленарна седница за нивно усвојување за што е потребен 61 глас. Потоа нацрт-амандманите одат на јавна дискусија по што владата ги изготува предлог-амандманите, ги враќа во Собранието и тоа ги изгласува со најмалку 80 пратеници.