Опозициските пратеници поднесоа оставки

  • Борјан Јовановски
СДСМ најави вонпарламентарно делување; ВМРО-ДПМНЕ оцени дека оставките прават голема штета на државните и националните интереси.
33-ца пратеници од опозицискиот блок предводен од СДСМ, денес во Собранието на Република Македонија поднесоа оставки од функциите. Од вкупно 34 опозициони пратеници што освоија места на последните избори, само пратеничката Роза Топузова-Каревска реши да не поднесе оставка.

„Не сум убедена дека дејствувањето надвор од институциите ќе биде соодветен одговор во борбата за демократија со режимот на власта. Мислам дека местото на народните избраници е во Собранието, каде што треба да ги застапуваат интересите на граѓаните кои ги избрале“, вели Топузова-Каревска за „Утрински весник“.

Водачот на СДСМ Зоран Заев, во изјава дадена пред Собранието по поднесувањето на оставките, изрази надеж дека Топузова-Каревска ќе се предомисли и ќе им се придружи.

„Ние се обединети и доследни во нашите заложби да ја вратиме демократијата во Македонија. Власта насилно ги верификуваше нашите мандати, кршејќи ги Уставот и законите. Со оставките јасно ставаме на знаење дека не може на сила да ја внесат опозицијат во парламентот“, кажа Заев.

Тој рече дека на ваков чекор се решиле бидејќи сите обиди за дијалог со власта резултирале со уште подрзок однос на владејачката партија. Водачот на СДСМ најави дека опозицијата работи на изготвување на платформа за вонпарламентарно делување. Целта е, вели Заев, да се обезбедат гаранции за организирање на фер и демократски избори.

Реагирајќи на одлуката на СДСМ, директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, оцени дека „со овој чекор се прави голема штета на Република Македонија и нејзините државни и национални интереси“.

Во рок од три дена, Собранието треба да ги понуди испразнетите пратенички места на останатите кандидати од изборните листи на опозицијата. Тие, пак, треба да го испратат својот одговор во рок од 8 дена. Согласно членот 154 од Изборниот законик, доколу сите останати од изборните листи го одбијат мандатот, се организираат нови избори за сите 33 испразнети собраниски места.