„Ги повикуваме сите граѓани да излезат на протест. Ова е борба меѓу граѓаните и врхушката на Груевски и Ахмети. Ова е борба за враќање на општеството и државата во рацете на граѓаните на Македонија! Затоа, ајде, сите заедно, уште еднаш, громогласно и едногласно, да побараме оставка од Владата и формирање преодна влада која ќе обезбеди фер и демократски избор!“, стои во објавениот повик за нов протестен марш на незадоволните граѓани вечерва од „Кампот на слободата“, преку Министерство за одбрана и Агенцијата за млади и спорт, до библиотеката „Браќа Миладиновци“ (каде на протестите на 5-ти мај упаднаа полициските сили и се пресметаа со дел од студените кои таму подготвуваа испити) па назад до кампот, кој веќе 18 дена е лоциран пред Владата.
Организаторите повикаа на масовно присуство на граѓаните за изразување на револтот од постапките на актуелната власт и за повторно барање за оставка на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Иницијативата „Протестирам“ пак, вчера излезе со дециден став дека одговорноста за пречекорувањата на службената должност на ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и ексдиректорот на Агенцијата на безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, не завршува со нивните оставки. Група активисти од „Протестирам“ вчера симболично го блокираа делот за полетувања на аеродромот „Александар Велики“ со отпечатени „потерници“ по Мијалков и Јанакиески и испратија порака дека „во вакуумот креиран од политичките преговори, Јанакиески и Мијалков се слободни да ја напуштат земјата и јурисдикцијата на Репубика Македонија“ Според активистите на „Протестирам“, Мијалков и Јанакиески „треба да бидат и целосно тргнати од политичката сцена, да сносат правна одговорност пред независно и непартиско судско тело“, а потоа, во согласност со заклучоците од судскиот процес, „ако се утврди кривична одговорност, треба и да го вратат украденото“.
Во петок, на 5 јуни, еден месец по бруталноста на полициските сили против граѓаните коишто бараа промена на власта, дел од учесниците на тој протест, со слоганите „Бараме оставка!“ и „Бараме одговорност!“, повторно ќе бидат на скопските улици, за да го изразат својот револт затоа што „оние кои дозволија употреба на брутална сила, сѐ уште се на власт!“. И со овој протест, учесниците сакаат да потенцираат дека по упадот на полициските сили во библиотеката „Браќа Миладиновци“, никој не поднел одговорност за пречекорувањето на овластувањата, но и симболично да го одбележат „обединувањето на сите револтирани граѓанки, граѓани и граѓански движења во отпорот против системот!“.
Покрај редовните активности во „Кампот на слободата“, и утредента, на 6 јуни, на четиригодишнината од убиството на 22-годишниот Мартин Нешкоски од припадник на МВР и на обезбедувањето на митингот на ВМРО-ДПМНЕ, е закажан уште еден протест пред Владата.
„Граѓаните нема да престанат да се борат за откривање на одговорноста од страна на институциите кои се уште ја лажат цела Македонија и ја прикриваат вистината. Нема правда, нема мир!“, се вели во повикот за овој протест.