„Единствена Македонија ќе се залага за радикален пресврт во македонската политика со повлекувањето на актите за прием на Македонија во НАТО и ЕУ, со барање за членство на Македонија во Евроазиската економска унија и за стратешко партнерство со Русија“, изјави Јанко Бачев, претседател на партијата Народно движење за Македонија, која со одлука на Централниот комитет, се ребрендирала со новото име - Единствена Македонија.
Иако и НДМ и ребрендираната Единствена Македонија (чие име кореспондира со Серуската политичка партија - Единствена Русија на Димитриј Медведев и Владимир Путин во Русија) се маргинални партии на македонската политичка сцена, настапот на раководството на оваа партија е прво официјално барање за радикални промени во надворешната политика на Македонија, и прво и официјално разногласие во досегашниот партиски консензус околу евроатлантските интеграции на Македонија, односно, околу заложбите за исполнување на условите за прием во НАТО и ЕУ.
Единствена Македонија го реконструираше 13-члениот Извршен комитет во кој сега членови се професорот д-р Стефан Влахов - Мицов, претседателот на Македонското патриотско здружение „Тврдокорни„ Драган Угриновски, претседателот на Здружението „Македонија и Русија„ (МИР), Зоран Јованчев, професорот Вангел Симев и бизнисмените Игор Јорданов и Ацо Николовски.
Како причини за неопходниот радикален пресврт во надворешната политика и за напуштањето на евроатлантските интеграции и влегувањето во сојуз со Русија, новиот потпретседател на партијата Влахов – Мицов, наведе:
„Ние во Единствена Македонија сме за стратешко партнерство со Русија од неколку причини: прво, со рускиот народ, како словенски, имаме близок менталитет, јазик, култура, традиционални вредности; второ, само во сојуз со Русија можеме да ги заштитиме националните интереси на македонскиот народ како што се македонско име, идентитет, унитарноста и државната територија; трето, со влегувањето во Евроазискиот сојуз ќе се подигне животниот стандард на македонскиот народ, ќе биде искоренета невработеноста, ќе добиваме енергенси и други природни богатства со 50 отсто пониски цени“, порача Влахов – Мицов.
Барањето на Единствена Македонија доаѓа по посетата на Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на Скопје и по изјавите и најавите од двете страни на границата - за можно приближување кон заедничко решение на спорот околу употребата на уставното име на Македонија, на што, како услов за евроатлантските интеграции, инсистира официјална Атина.
Деновиве и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, потенцираше дека спорот за името меѓу Македонија и Грција долго бил во „полузаспана ситуација“ и заживеал откако САД решиле Македонија да влезе во НАТО: „Суштината на она што се случува се надевам дека е разбирлива за сите: тука не станува збор за земање предвид на заедничките и специфичните карактеристики на два блиски народа, туку за тоа дека една од овие земји нужно мора да стане членка на НАТО ", рече Лавров. „Кое било решение што ќе го изнајдат Македонија и Грција и кое ќе биде поткрепено во македонскиот Устав, ние најверојатно ќе го прифатиме“, рече Лавров.
За време на посетата на Столтенберг, која од македонските власти и од медиумите беше оцената како успешна, Здружението за одбрана на македонизмот, македонското име и постоење меѓу народите - „Македонски манифест“, му испрати отворено писмо, кое го препрати и до американската, британската, германската, грчката, кинеската, руската, француската и до холандската амбасада во Скопје; до седиштето на ЕУ како и до премиерот Зоран Заев и до македонската Влада.
Потписниците на писмото - поети, композитори, диригенти, писатели, универзитетски професори..., посакувајќи му добредојде во Македонија, „а не во ФИРОМ како што нѐ викате“, му порачаа на Столтенберг дека ја знаат целта на неговата посета:
„Таа се совпаѓа со забрзаниот од на катастрофата која треба по најкуса постапка да го ликвидира од корен нашиот автентичен исконски идентитет... Ете, затоа ние од ‘Македонски манифест’, не го сакаме НАТО, господине Столтенберг. Го сакаат политичарите, кои по дефиниција се најчесто полтрони и неавтентични битија, но не и македонскиот народ, со исклучок на Албанците во Македонија, се разбира, и се знае зошто... Од кого ќе ја браните Вие неа (Македонија – н.з)? Од Русите ли, кои без да се навредите, според многу родствени, идентитетски, генерички и историски линии, како што добро знаете, многу ни се поблиски од Американците... Моравме во ова кусо отворено писмо на Македонски манифест до Вас, да бидеме, in medias res, дијагностички јасни и прецизни за да го оправдаме неговиот наслов, кој однапред знаеме дека нема да ви се допадне: ‘Не го сакаме НАТО!’“, порачаа културните дејци од Македонски манифест.
На протестите пред Собранието, за време на обраќањето на генералниот секретар Столтенберг, на кои учествуваа неколкумина активисти на партијата Левица и неколку десетици приврзаници на Семакедонскиот конгрес - Македониум беше запалено едно знаме на НАТО, а медиумите го објавија и ставот на поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, Мартин Тренески, според кого, „посетата на Столтенберг e продолжение на бруталниот однос и континуитет на притисок од централата на НАТО кон Македонија по прашањето на нејзиното уставно име и никаков респект за учинокот што земјата го даваше во овие изминати петнаесетина години, особено во мисијата ИСАФ, но и во други операции...“
„Јенс Столтенберг - подметнување на кукавичко јаце во смисла демек: еве, ние ве сакаме, ве каниме да ни се придружите, ама за тоа ќе морате да се откажете од најсветото, од вашето ‘јас’!? Дали ваква жртва Македонија е спремна да даде - не верувам! Можеби некои заскитани или изнајмени во актуелната македонска политика и се подготвени на такво нешто, но македонскиот народ, сигурен сум, не е!“, порачал амбасадорот Тренески.