По влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу двете страни, што го поздрави и генералниот секретар Антонио Гутереш, во списокот на признаени држави по азбучен ред, ОН ја заменија референцата „Поранешна југословенска република Македонија“, со името Северна Македонија.
Американската амбасада во Скопје соопшти дека САД веднаш ќе почне да го користи новото име и „ќе почне процес на промена на референците на интернет-страниците, официјалните документи и секаде на друго место“, а Европската унија потврди дека официјално го добила документот за промената на уставното име на Македонија.
Но, во Македонија, новите табли со натписите Република Северна Македонија, поставени на граничните премини минатата среда, постојано се под полициска заштита.
Иако официјално, поради меѓуграничниот простор и редовно има патроли, според порталот сдк.мк, неделава, полицајци деноноќно стражарат - за таблите да не бидат „симнати, исчкртани или украдени за старо железо“.
Искуството со вандализмот на лицата, најверојатно противници на Преспанскиот договор, кога по замената на старите сообраќајни табли на автопатот „Александар Велики“, новите табли со новото име „Пријателство“, беа исчкртани со спреј, било една од причините за ваквата предострожност на полицијата.
Новото име засега не го прифаќаат ни актуелниот претседател Ѓорге Иванов, кој не го потпиша указот за ратификување на Преспанскиот договор и на чија официјална страница pretsedatel.mk сè уште стои дека е „Претседател на Република Македонија“, ниту кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претстојните претседателски избори, д-р Гордана Силјановска Давкова, која е децидна дека прашањето за името не е затворено, и најави дека ќе формира „експертски правен тим, од домашни и од странски професори по меѓународно јавно право, зашто малите држави се повикуваат на правото, а големите на силата“.
Силјановска Давкова тврди дека владеењето на правото и е главна цел: „Сè што е спротивно на меѓународното право, еден ден може да биде поништено. Истото важи и за Република Македонија“.
Од грчката страна на границата, слични тонови во изјавата на префектот на грчката провинција Централна Македонија, кој во ТВ интервју изјавил дека нема да се менуваат сообраќајните табли на кои пишува „Скопје“ на патиштата во тој дел од Грција. Апостолос Зизикостас (Нова Демократија) потенцирал дека нема да го користи името Северна Македонија.
„Нема шанси на патиштата што се во наша одговорност, односно во нашата област, да поставуваме табли на кои ќе пишува „Северна Македонија“. Да биде јасно, сѐ додека јас сум на чело на оваа област, на знаците што упатуваат кон северниот сосед ќе пишува Скопје“, потенцирал Зизикостас.
За разлика од политичките сцени на домашен терен, добрососедството и затоплените односи се потенцираат пред сè, во дипломатијата.
„Се чувствувам почестена што сум прв министер кој дошол овде по примената на Преспанскиот договор. Се чувствувам дека сум во пријателска земја. Ја чувствувам позитивната атмосфера“, изјавила во интервју за Атинската-македонска новинска агенција, министерката за правда на Северна Македонија, Рената Дескоска, која викендов беше учесник на регионален форум во Солун, каде истакна дека билатералните односи сега можат да се одвиваат на високо политичко ниво.
А додека во Скопје, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и министерот за дигитални политики, телекомуникации и медиуми на Република Грција, Никос Папас најавуваа заедничка прес-конференција, МИА објави дека портпаролката на опозициската Нова демократија, Мариа Спираки, во однос на промената на таблите во северниот дел на Грција, на брифинг изјавила дека е „очигледно оти официјалното име на земјата, како што произлегува од Договорот од Преспа, што, потсетувам повторно, беше ратификуван со гласовите на СИРИЗА и на подготвените пратеници, е Северна Македонија. Оттука, секоја дискусија во однос на таблите е од мало значење. Освен тоа, како што добро знаете, таблите го одредуваат километарското растојание меѓу градовите“, изјавила Спираки.
Таа потенцирала и дека „Нова демократија и господинот Мицотакис веќе јасно ставија на знаење дека имаат секаква можност да го контролираат патот на соседната земја кон ЕУ и имаат секаква можност да го искористат правото на вето, доколку проценат оти има штета за националните интереси“.
И иселеничката организација Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП), останува противник на името Република Северна Македонија и порачува дека меѓународната заедница мора да се обедини во заштита на демократијата и владеењето на правото. ММДЧП бара од земјите-членки на ОН едногласно да повикаат да се стави крај на принудното спроведување на Преспанскиот договор и да соопштат дека тие не го поддржуваат менувањето на македонското име во ОН.
„Бараме Русија и Кина, како членки на Советот за безбедност на ОН, да стават вето на сите обиди за менување на македонското име. Ја повикуваме Турција и другите членки на НАТО кои се заинтересирани за заштита на демократските принципи и меѓународното право да го отфрлат секое менување на македонското име и да стават вето на приемот на Македонија под името „Северна Македонија“ или било кое друго неуставно име“, се вели во соопштението на ММДЧП.
Сепак, настаните на теренот и секојдневниот живот, покажуваат придвижување кон постепено прифаќање на новата реалност.
Согласно одредбите од Договорот, македонското Министерство за внатрешни работи во пасошите на македонските граѓани веќе удира печат со новото уставно име на кој стои дека „патната исправа ѝ припаѓа на Република Северна Македонија“. Новите пасоши со новото име ќе се издаваат од крајот на 2019, а постоечките пасоши на Република Македонија ќе имаат важност до 2024, со тоа што во нив ќе се внесува печат со новото име и повеќејазично објаснување. Од другата страна на границата, пак, за првпат по ратификацијата на Преспанскиот договор, според „Катимерини“, националната разузнавачка служба на Грција на 14 февруари распишала конкурс со кој нуди вработување на лица со познавање на „македонски (јужнословенски)“ јазик, за одделот за преведување, толкување и сослушување.
Инаку, Република Северна Македонија е петто име на државата од 1944 година. На Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година е прогласена Демократска Федеративна Македонија, а на 8 март 1946 година, Президиумот на Народното собрание со закон го менува името во Народна Република Македонија. Од 1963 до 1991, кога Македонија е федеративна единица на СФР Југославија, уставно име е Социјалистичка Република Македонија, а по референдумот за независност, суверената држава го носи името Република Македонија. Но, од 1995 година, согласно Времената спогодба меѓу Македонија и Грција, за меѓународна употреба се користеше името Бивша Југословенска Република Македонија.