Потребен е национален консензус за решение за името

Your browser doesn’t support HTML5

Проблемот со Грција, за Гласот на Америка, го коментираат првиот министер за надворешни работи Денко Малески и поранешниот амбасадор во НАТО Нано Ружин

Македонија е под голем притисок на меѓународната заедница, особено на САД, да го реши спорот за името со Грција, вели за Гласот на Америка првиот министер за надворешни работи Денко Малески.

Според него, ова прашање ќе остане отворено се` додека во државата не се реши политичката криза, а ништо не може да се очекува ниту, вели тој, од Генералното собрание на Обединетите нации во септември.

Сепак, Малески е оптимист дека наредната година може да има решение.

„Ќе помине и ова Генерално собрание, но ќе остане проблемот на консолидација на македонската демократија, за да може да произведе единствен став кој ќе влезе во преговори. Силниот притисок може да произведе некакво решение, но не се работи ниту за недели ниту за месеци. Можеби во годината што следува, но мора да видиме каква ќе биде политичката разврска во Македонија. Мислам дека може да се тргне кон решавање наредната година, но со добра волја на двете страни“, вели Малески.

Поранешниот македонски амбасадор во НАТО Нано Ружин смета дека за решение е потребен голем национален консензус, бидејќи политичките партии не сакаат да го преземат ризикот.

„Ќе треба државник кој ќе умее да пресече, да биде храбар и да воспостави одредени форми на решавање на овој проблем. Ќе биде потребна асистенција и од меѓународната заедница и на највисоко ниво. Неопходни се и политички промени, промени во дипломатија, а можеби и некои нови модели на преговарања, договорања и нови предлози“, изјави Ружин.

Граѓаните имаат поделени мислења околку ова прашање.

„Грците треба да попуштат. Власта не е добра за преговори и за длабока политика, па не можат да ја решат“, велат жителите на Струга, и додаваат:

„ Не можеме ниту во НАТО, ниту во ЕУ да влеземе поради ова“.