Договорот за името на 19 страници прво го објавија грчки, па македонски медиуми. Во него во детали се утврдуваат сите точки што во изминатите 25 години ги обременуваа односите меѓу двете земји – името за севкупна употреба е Republic of North Macedonia, јазикот се именува како Macedonian, државјанството е Macedonian/ citizen of the Republic of North Macedonia. Придавката Macedonian нема да може да се користи во државен, туку само во етнокултурен контекст. Меѓународните кодови МК и МКД остануваат, со исклучок на регистарскките таблички на кои ќе стои НМ или НМК. Во договорот се утврдува како Грција го толкува поимот „Македонија“ и „македонски“ и како земјава во согласност со својата култура ќе го толкува „Македонија“ и „македонски“.
Ѓорге Иванов денеска пак ја повтори позицијата дека за него, договорот е неприфатлив.
„Не можам да прифатам акт кој е спротивен на уставот и на законите и е спротивен на консензусот изграден во државниот врв“, изјави Иванов.
Владата, преку шефот на дипломатијата одоговори од Берлин.
„Мислам дека најодоговорно и за владата и за парламентот и за претседателот на државата е да не застанат на патот и да ја заменат волјата на граѓаните“, рече министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Паралелно со разногласието во државно-владиниот врв, меѓународната заедница повтори кое, во регионални рамки, е значењето на договорот.
„Се надевам дека во иднина и одлуките кои ќе бидат во однос на НАТО и ЕУ ќе бидат јасен сигнал за граѓаните на Македонија и ќе потврдат дека ќе се оди понатаму во правец на европската перспектива. Ние веруваме во европската перспектива која е во корист на целиот регион“, изјави министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас.
Засега, како што стојат работите, потпишувањето на договорот ќе биде викендов во Преспа.