Блокада за мигрантите и на преминот Меџитлија

  • Синиша Станковиќ
Македонија ќе има и нова ограда на граничната линија кон Грција

Македонската армија започна со градење ограда на преминот Меџитлија на границата со Грција, најави во медиумите портпаролот на АРМ, потполковник Тони Јаневски. Должината на оградата дополнително ќе биде определена, според проценките за нејзината неопходност на тернот, за заштита на граничниот појас.

„Во случајов, АРМ започна со поставување на жичана ограда на граничниот премин Меџитлија, во согласност, како и со поставувањето на ограда кај Гевгелија. Мерките ќе продолжат онолку колку што е потребно, односно, според добиените насоки и задачи од Управувачкиот комитет. АРМ ги извршува само доделените задачи во однос на мерките на заштита“, изјавил Јаневски.

Од 19 ноември, Македонија почна да ги спроведува препораките на ЕУ за пропуштање само на бегалци од воените жаришта во Сирија, Авганистан и Ирак, и да ги селектира и блокира сите други лица со доделениот статус на економски мигранти, на граничниот премин кај Гевгелија. Во меѓувреме, Грција го расчисти кампот „Идомени“, вракајќи мигранти во прифатните центри во Атина, од каде ќе бидат вратени во државите од кои потекнуваат. А откако е поставена жичена ограда лево и десно од Котата 59, во должина од дваесетина километри, македонските власти донесоа одлука за поставување на нова ограда кај Меџитлија, по новите обиди на економските мигранти, да го избегнат селектирањето, со илегално преминување на границата.

Вчера во Скопје, и претставници на Парламентарното собрание на Централно-европската иницијатива, расправаа за мигрантската криза, со барање за достоинствен третман кон мигрантите, како морална и законска должност на државите низ кои транзитираат. Според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, Македонија ја менаџира кризата максимално етички и професионално.

„Ниту една земја не може самостојно да ја надмине мигрантската криза, ниту да се носи со различните предизвици кои таа секојдневно ги наметнува…. Меѓународната соработка и помош, навремената размена на информации, редовната и непречена комуникација, зачестените средби меѓу највисоките државни органи и донесувањето заеднички одлуки во сечиј прилог, се клучни за зачувување на националната безбедност на секоја земја, но и за запазување на хуманиот аспект на ситуацијата“, изјавил Спасовски, според кого, МВР месечно издвојува околу еден милион евра за справување со мигрантската криза во вид на хуманитарна и здравствена помош.

Селектирањето на лицата на бегалци и мигранти, повторно го отвори „бизнисот“ на организаторите на прекуграничниот шверц на луѓе и нивни транзит низ Македонија. Две лица од Радовиш добија кривична пријава за шверцување мигранти, зашто полицијата ги пресретнала додека на локалниот пат Марвинци-Удово шверцувале 13 мигранти од Ирак, за чиј транзит до македонско-српската граница, требало да добијат паричен надомест.

Од друга страна, и таксистите од Гевгелија ја блокираа железничката пруга протестирајќи за, според нив, форсирањето на „Македонски железници“ за транспорт на мигрантите до Табановце на македонско-српската граница. Таксистите тврдат дека влегувањето на бегалците во вагони уште во прифатниот камп, ги исфрлило од бизнисот, иако дел од нив земале и кредити за регистрирање како таксисти. Според нив, блокадата на пругата ќе трае се додека и тие, не бидат пропорционално вклучени во превозот на мигрантите.