Во очекување на „Фронтекс“

  • Синиша Станковиќ
Премиерот Груевски најави помош во полициски сили и од Србија, Хрватска, Унгарија и Словенија

„Добро е што доаѓа ‘Фронтекс’. Тоа подолго време го баравме и инсистиравме на нивно доаѓање на грчката граница, за да се зајакне обезбедувањето од таа страна, бидејќи обезбедувањето долг период беше речиси никакво. Немаше обезбедување и беше оставено на нас, на нашата полиција. Долго време апелиравме до Брисел и до поединечните главни градови, да се најде начин, најпрво да се побара од страна на Грција, бидејќи таа не поднесуваше барање за да се испратат сили на ‘Фронтекс’ кои ќе им помогнат на нашите полицајци да имаат помалку непријатности“, изјави денес премиерот Никола Груевски по најавата за распоредување на 400 припадници на Европската агенција за управување со оперативна соработка на надворешните граници на ЕУ, на вчерашната конференцијата на ОБСЕ во Белград.

Припадниците на „Фронтекс’ од следната недела ќе бидат распоредени од грчката страна на границата со Македонија, а премиерот Груевски изрази надеж дека со нивното доаѓање ќе се внесе ред и ќе и се помогне на Македонија во мигрантската криза, со што ќе се намалат и проблемите на македонските безбедносни сили. Според договорот, „Фронтекс“ треба да помогне во регистрацијата на бегалците и мигрантите, но Груевски рече и дека деновиве разговарал со претставниците на Србија, Хрватска, Унгарија, Словенија и на други земји и дека е договорена помош за Македонија. „Договорено е тие да испратат полициски сили кои ќе им се придружат на нашите, од нашата страна на границата. Добивме позитивни одговори и очекувам во втората половина на следната недела да дојдат тие сили“, рече македонскиот премиер.Словенечкиот европратеник, Алојз Петерле, копретседавач на 13-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Република Македонија, денес изјави дека како Европеец и` е благодарен на Македонија за нејзиниот влог во справувањето со бегалската криза.

„Фондовите наменети за пристапниот процес не треба да се користат за мигрантите, но на земјата ѝ е потребна поголемо финансиско внимание и поддршка заради големината на проблемот“, изјави Петерле, според кого, и бегалската криза дала уште една причина за европската иднина на Македонија.

На границата денес е релативно мирно, иако, според медиумските извештаи, ноќва еден дел и од бегалците и од мигрантите ја поминале под отворено небо. И понатаму се пропуштаат само бегалци кои доаѓаат од земјите зафатени со војна, Авганистан, Ирак и Сирија, а границата е затворена за стотиците економски мигранти од Пакистан, Алжир, Мароко, Иран и Сомалија кои не се враќаат во Грција и по десетина денови во кои веќе се крајно истоштени, и понатаму се упорни во барањата да им се дозволи патувањето кон Западна Европа.

По вчерашните судири меѓу бегалците од Сирија, Авганистан и Ирак и мигрантите од другите земји, според медиумските извештаи, утрово повторно ескалирале тензиите на грчката страна од граничната линија, кога група мигранти, најверојатно од Мароко, фрлале камења по грчката полиција, по што припадниците на грчката полиција ги растерале и формирале коридор за поминување на бегалците.