Во очекување на нов мигрантски бран?

  • Синиша Станковиќ

Your browser doesn’t support HTML5

Во очекување на нов мигрантски бран?

Помирно на Железничката станица во Гевгелија, но припадниците на македонската полиција и на армијата и натаму се распоредени, за секој случај

По неколкудневната напната и хаотична ситуација со напливот на мигранти минатата недела и повременото отворање на македoнско-грчката граница кај Гевгелија викендот, денес атмосферата е постивната.

Македонските железници, очигледно, немаа доволен капацитет да ги транспортираат бегалците од јужната до северната македонска граница, така што тие со шеесеттина автобуси беа префрлени кон Табановце, на македонско-српската граница.

Припадник на македонската полиција помага на бремена жена на границата близу Гевгелија

УНХЦР соопшти дека од македонските власти добиле уверување дека и понатаму „границата ќе биде отворена за бегалци кои бегаат од судири во државите од кои потекнуваат“, и објави дека над 7.000 бегалци пристигнале во Србија од Македонија ноќта меѓу саботата и неделата. Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина пак, повика на „поголема поддршка за мигрантите кои влегуваат во Европа преку Западен Балкан“.

Според нашите извори од теренот, и покрај тоа што е помирно на Железничката станица во Гевгелија, припадниците на македонската полиција и на армијата сепак се распоредени во очекување на новиот бран на мигранти, којшто, според неофицијални информации, би пристигнал уште попладнево или ноќва.

Македонија очекува помош од ЕУ за кризната ситуација. Министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервју за Дојче Веле изјави дека „најголем недостаток во моментов е што нема заеднички сеопфатен одговор на бегалската криза. Се работи повеќе на префрлање на топката од аспект на проблемите. Јасно е дека голем број на мигранти, над 100.000, веќе имаат поминато преку балканската рута од почетокот на годината и јасно е дека тој бран нема да се намали на краток рок. За да биде решен овој проблем мора да има европски договор“.

Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц (втор од десно) со македонскиот министер за одбрана Мирко Чавков (втор од лево), на теренот се запознава со мигрантската ситуација

Медиумите го цитираат и австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц, којшто денес со македонскиот министер за надворешни работи Митко Чавков го посетил транспортниот центар и граничната линија со Грција. Тој вели: „Европската унија конечно мора да погледне и на бегалската рута низ Македонија, а не само на таа во Италија. Долгорочно решение на проблемот е можно само ако се договорат кризните држави. Во секој случај, Австрија ќе помогне и ќе соработува со македонската Влада“.

Министерот Чавков најави скорешен состанок за бегалската криза меѓу министрите за внатрешни работи на Австрија, Унгарија, Србија и Македонија.