Македонија да ја заштити границата, но и да внимава на потребите на бегалците

  • Борјан Јовановски
Реакции на меѓународните инстанци за состојбата на јужната македонска граница

Бранот бегалци којшто притисна на јужната македонска граница со Грција ја подигна напнатоста како во домашната, така и во меѓународната јавност.

По објавата на вонредна состојба на границата, денес се огласи Европската комисија.

„Во согласност со меѓународното законодавство, Македонија има право да ги контролира лицата кои сакаат да влезат на нејзина територија и да им забрани влегување на оние кои не ги исполнуваат критериумите“, се вели во соопштението од кабинетот на комесарот Јоханес Хан.

ЕК, како што се наведува во соопштението, е запознаена со одлуката на Владата да прогласи вонредна состојба во областите во јужната и северната граница. Комисијата потсетува дека обезбедила 90.656 евра хуманитарна помош за Македонија, како и дека во последна фаза е и програмата за помош на регионот на Западен Балкан и Турција во вредност од 8 милиони евра, кој треба да биде спроведен во септември.

УНХЦР, пак, ја повика ЕУ на поголема одговорност. Од Комесаријатот на ООН велат дека ЕУ не може да ги остави сами балканските земји во справувањето со напливот на бегалци. Сепак, портпаролот на УНХЦР Мелиса Флеминг ја критикуваше одлуката на Македонија да ги затвори границите.

Со критички став истапи и Амнести интернешенал.

„Илјадници бегалци, главно од Сирија, Авганистан и Ирак се заглавени и се соочуваат со сериозен ризик од насилство откако македонските власти во четвртокот одлучија да ја запечатат јужната граница, креирајќи нова кризна зона во глобалната бегалска криза“, се вели во денешното соопштение на Амнести Интернешнл.

Амнести објави дека примиле, како што се наведува во соопштението, екстремно загрижувачки извештаи од теренот дека антитерористичките полициски единици се распоредени на границата и дека применуваат тепање и супстанци за контрола на толпи врз мигрантите со цел да ги спречат да ја поминат границата. Амнести забележува и на поставената ограда од бодликава жица која дополнително треба да го отежни влезот.

„Секоја земја има право да патролира на своите граници, но овој налик на паравоен одговор е неприфатлив и не е во согласност со меѓународното право. Македонските власти се однесуваат како да се справуваат со бунтовници и демонстранти, а не се бегалци од конфликти зони“, рече Гаури Ванк Гулик од оваа меѓународна невладина организација.

Амнести остро ги критикуваше и земјите - членки на ЕУ во своите секојдневни извештаи за нивниот однос кон бегалците од Блискиот Исток. Исто така, во еден од своите претходни извештаи, Амнести ја повика ЕУ да пружи помош на Македонија и Србија во нивниот обид да се справат со ситуацијата.