Според Иџет Мемети, земјата се соочува со исполитизирани и крајно нефункционални државни институции, од кои дел, како што рече, спроведуваат партиски агенди. Тој денеска наброја само некои од регистрираните проблеми.
„Непрофесионално полициско и брутално постапување, прекумерна употреба на сила на затворската полиција и отсуство на системска здравстевна заштита во казнено-поправните институции. Недостатоци во пензискиот систем со штетни последици за осигурениците, неисплата на средства за социјална заштита, повреда на правото на вработување на лица со попреченост, незаконско депортирање на бегалци“, изјави Мемети.
Статистиката на канцеларијата на Народниот правобранител покажува дека постапиле по повеќе од 4.000 случаи во 2016-та, од кои голем број биле токму за повреди на основните човековите права.
„Констатиравме 1.523 повреди на човековите права, а во 1.358 беа прифатени интервенциите. Ова за жал не е случај со препораките за констатирани пропусти за општите состојби за кои изготвивме повеќе извештаи, а по кои надлежните на постапуваат. Малтретирање при вршење служба на полицијата констатиравме на масовните протести против одлуката на претседателот Иванов за помилување повеќе функционери“, рече Мемети.
Според последниот извештај на Стејт департментот, најголемите проблеми со човековите права во Македонија произлегуваат од континуирната корупција, како и од владиниот неуспех целосно да го почитува владеењето на правото вклучувајќи ги напорите за ограничување на слободата на медиумите, мешање во работата на судството и блокирање на функционирањето на СЈО.