Поделеност за прислушувањето, единство за улогата на меѓународната заедница

  • Соња Трајковска
Истражување на Македонскиот центар за европско образование

Јавноста во Македонија е поделена во однос на прашањата и дилемите во врска со аферата со прислушувањето, но затоа е единствена во однос на улогата на меѓународната заедница во решавање на кризата во земјата. Во јавноста постои атмосфера на страв од конспирации и искажување на сопствениот став. Генерално, ова се заклучоците од истражувањето на јавното мислење на Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), спроведена од 3-ти мај до 13-ти јуни годинава, на репрезентативен примерок од 1.201 испитаник над 18-годишна возраст.

Над 96% од јавноста слушнала за аферата

Анкетираните одговарале на три главни прашања поврзани со аферата – Дали слушнале за аферата, за улогата на меѓународната заедница во решавање на кризата и дали може во земјава слободно да се искаже мислење.

96,6% од анкетираните слушнале за аферата „Прислушување“, покажуват податоците на МЦЕО, од коишто дури 88,2% слушнале и некоја од снимките. 41,1% сметаат дека снимките се направени од македонската тајна полиција, додека 23,2% дека тие се дело на странски служби. Поделено по партии, за оние коишто се блиски до ставовите на ВМРО-ДПМНЕ преовладува ставот дека снимките се дело на странски служби (40,7%), додека кај приврзаниците на СДСМ, 77% сметаат дека тие се дело на македонската тајна полиција. Кај етнички-албанскиот блок, нема дилеми дека снимките се направени од македонската тајна полиција - 47,5% приврзаници на ДУИ и 42,9% на ДПА.

Она што е забележително при анкетирањето на ова прашање, како што велат во МЦЕО, е високиот процент од 26% на оние коишто не сакале да одговорат на прашањето.

На дилемата, дали снимките се монтирани, сечени, лепени, или се виситинити, 52,1% од анектираните одговориле дека се вистинити, а 19,3 % го поддржуваат ставот дека тие се монтирани, што, впрочем, е и став на власта. За 52,6 % од оние блиски до политиката на владејачката структура, снимките не се автентични, додека за 91,7% од анкетираните на кои им е близок опозицискиот став, тие се вистинити.

На втората дилема, дали за решавање на политичката криза е најважно кој ги создал снимките или нивната содржина, 52,3% сметаат дека тоа е содржината, а за 21,7% битен е изворот.

ЕУ да игра сериозна улога во решавањето на кризата

62,1% од испитаниците сметаат дека Европската Унија треба да игра сериозна улога во разрешување на тековната политичка и институционална криза во Македонија, при што ваков став делат 91% од испитаниците - етнички Албанци, и 54,9% Македонци. Кај приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ тој процент е 49,7%, кај оние за СДСМ 72,7% и кај оние за ДУИ и ДПА, 95% и 85,7%.

Анкетата на МЦЕО покажува дека македонската јавност смета дека во решавањето на кризата не треба да се потпреме на македонските институции, туку дека треба да се вмеша меѓународната заедница - дури 49,3%, додека ставот - домашните институции сами да ја решаваат кризата е прифатлив за 38,9%.

Над половина од јавноста во Македонија мисли дека нема слобода на мислење

52,2% од анкетираните во истражувањето на МЦЕО одговориле дека во Македонија не може слободно да се искаже јавно мислење, додека 43,5% сметаат дека таква слобода постои. Како причини зошто граѓаните се плашат да го кажат својот став слободно, најголем дел од испитаниците одговориле дека се плашат од последици, а 12% рекле дека го жртвуваат слободното мислење заради некакви придобивки. Дури 45,6% од македонската јавноста смета и дека власта во Македонија има можност да дознае како секој граѓанин гласал на изборите, па конспиративните теории се движат од тоа дека имало камери во пенкалата, или дека ливчињата биле обележани. Од МЦЕО сметаат дека токму ваквиот страв е една од најголемите кочници за фер и демократски избори.

Истражувањето, коешто на барање на МЦЕО – авторот на прашалникот, по пат на телефонски асистирани интервјуа го спровел Реактор- истражување од акција од Скопје, покажува дека во Скопскиот, Полошкиот и Југоисточниот регион од земјава доминираат ставовите блиски до оние на опозицијата, додека во Источниот преовладува, иако не драстично, наративот на власта. Јавноста во Југоисточниот регион е поделена подеднакво меѓу двата става.