„Важна е заложбата на пратениците - членови на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ заедницата, да се крене нивото на јавната свест кај целата популација во Македонија, за проблемите со кои се соочуваат припадниците на ЛГБТИ, како и за неопходноста да се преземат активности за заштита на нивните права“, вели пратеничката и координаторка на оваа група Маја Морачанин, во разговорот за Гласот на Америка.
Целта на новата Комисија е подобрување на правата на ЛГБТИ луѓето, користејќи ги достапните механизми на Собранието, со цел Македонија да се изгради како општество, во кое сексуалната ориентација и родовиот идентитет нема да претставуваат пречка за целосно уживање на човековите права и слободи.
„Сите сме свесни дека во изминатиот период, ЛГБТИ луѓето во Македонија навистина беа изложени на говор на омраза, акти на насилство, на дискриминација во многу сфери на нивното живеење. Формирањето на оваа парламентарна група е голем настан за Собранието. Во комуникација со невладиниот сектор, дојдовме до одлука за формирање на неформална група во Парламентот, и низ неколку средби и дискусии со претставниците на невладини организации, кои работат на полето на правата на ЛГБТИ лицата, најпрвин се заинтересираа неколкумина пратеници, а потоа групата се прошири. Денес, имаме 13 членови од различни политички партии, што е навистина солидна бројка. Таа покажува дека постои јасно изразена политичка волја кај пратениците во Парламентот да соработуваат со невладиниот сектор, како и да ги заштитуваат и да се залагаат за правата на ЛГБТИ луѓето“, вели Морачанин, која доаѓа од редовите на Демократската обнова на Македонија.
Целта на Интерпартиска парламентарна група, формирана во Собранието на 23 февруари, е застапување, заштита и унапредување на правата на ЛГБТИ лицата, и првпат, дел од пратениците, се изјаснија дека се претставници на сите граѓани, без оглед на нивната сексуална ориентација и родов идентитет.
На конститутивна седница, за координаторка беше избрана пратеничката Морачанин, а за заменик-координатор независниот пратеник Павле Богоевски.
Во групата членуваат 13 пратеници од различни политички партии, покрај Морачанин и Богоевски - Бранко Маноиловски од Демократска унија за интеграција (ДУИ), Лилјана Поповска од ДОМ, независните пратенички, Ирена Стефоска и Ивана Туфегџиќ, Петар Атанасов, Јагода Шахпаска, Александар Кирацовски и Славица Шуманска-Митева од СДСМ, Јулијана Николова и Никица Корубин од Либерално-демократска партија, и Соња Мираковска од Новата социјалдемократска партија.
„Ова е денот кога пишуваме историја и кога го правиме првиот чекор кон изедначување на ЛГБТИ луѓето со другите граѓани на Македонија", рече пратеникот Богоевски
На седницата беа присутни активисти од невладини организацци, кои работат во оваа сфера, од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, како и претставници на дипломатскиот кор во земјата.
По предвремените парламентарни избори од 2016-та година, и нараснатиот оптимизам на ЛГБТИ активистите, во однос на создавање политичка волја за донесување закони и политики, со кои Република Македонија ќе ги исполни преземените обврски и ќе одговори на континуираните барања за унапредување на правата на ЛГБТИ лицата, а за да се обезбедат податоци „за знаењето, ставовите, капацитетите, практиките и потребите на пратениците во актуелниот состав во Собранието во врска со човековите права на ЛГБТИ луѓето и заштитата од дискриминација“, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување - ХЕРА, во партнерство со Коалицијата Маргини, го спроведе истражувањето „Проценка на знаењата, ставовите, практиките и потребите на пратениците во Собранието на Република Македонија во врска со човековите права на ЛГБТИ лицата и заштита од дискриминација".
Драгана Дрндаревска, како коавторка со Наташа Бошкова, пред пратениците го презентираше резимето од истражувањето, спроведено од членовите на Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата во 2017-та година, во рамките на проектот „Парламент и локална самоуправа во промоцијата на правата на ЛГБТИ" со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија.
„Основни приоритети на Комисијата ќе бидат измени и дополнувања во законската регулатива, пред сè, суштествени измени во Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој помина и низ многу јавни дебати. Мислам дека е сега на Венецијанската комисија и се очекува да стигне во Собранието. Потребно е во овој закон да се внесат родовиот идентитет и сексуалната ориентација, кои се од особена важност за ЛГБТИ лицата кои се дискриминирани по тие основи“, изјави Морачанин.
На прашањето колку зголемените очекувања на невладиниот сектор, и пред сè на ЛГБТИ лицата, можат да бидат изневерени, поради досегашниот став за ова прашање во Македонија, како и поради конфронтираноста на власта и опозицијата и во самиот Парламент, односно дали пратениците од Комисијата ќе можат да извршат притисок за почеток, да се преземат посериозни активности за откривање на сторителите на досегашните случаи на насилство и напади врз ЛГБТИ лица, и вандализам врз нивни објекти, од кои речиси ниту еден не е решен, Морачанин, одговори со оптимизам.
„Како група во Собранието, ние се залагаме и за вршење надзор над имплементирањето на новите законски решенија во реалниот живот. Можеме индиректно да влијаеме и преку контакти со надлежните институции да ги следиме постапките, да поставуваме пратенички прашања до Владата. Искрено, јас сум оптимист дека работите ќе се подобрат. 13 пратеници се обединија и покажаа политичка волја и интерес за овие прашања, и тоа е добар почеток за нашиот Парламент, за Македонија и воопшто. Мислам дека навистина можеме да постигнеме реален ефект во однос на нашите основни заложби. Со натпартискиот карактер на Групата се елиминираат строго-партиските ставови, а се отвора и можност пратеници - членови да влијаат во своите партии во поглед на менувањето на ставови и на стереотипите за ЛГБТИ лицата и нивните права. Верувам дека ќе направиме позитивен исчекор“, убедена е Морачанин.