Левица како нов избор

Утописка идеја или освежување на политичката сцена

Во Македонија деновиве се формираше иницијатива за нова партија наречена Левица која најавува левичарско дејствување и борба со двете најголеми партии ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.

Партијата ја основаат дел од членовите на движењата „Ленка“ и „Солидарност“, членови на Кoмунистичката партија на Македонија, но и синдикалци и други активисти.

Во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, Мариглен Демири, еден од иницијаторите за формирање на новата партија потврди дека подолг период размислувале во дел од граѓанските движења за формирање на левичарска партија, но проблемот бил во тоа што тогашните услови, време и политичката и општествена ситуација биле неповолни за таа идеја да се реализира.

„Првичните планови ни се засега да ја регистрираме партијата, а она кое ние сакаме да го исполниме и на кое ние понираме и како движење, индивидуи и политичка филозофија, е департизација на институциите, враќање на минимум демократија, борба против сите форми на шовинизам, национализам и исклучување“, вели Демири.

Уставниот суд на потег

Според иницијаторите, процедурата за собирање на 1000 потписи потребни за формирање на партијата е непотребно отежната, па и скапа за обичните граѓани. Тие поднеле барање до Уставниот суд да се преиспита уставноста на одредбата од Законот за политички партии.

„Замислете, вие мора да имате државјанство не постаро од три месеци, а истото тоа да биде верификувано од нотар, со уште 150 денари, што на крај ќе ги чини граѓаните и до пет евра“, објаснува Демири, додавајќи дека 300 денари во држава во која многумина живеат со помалку од два долари на ден, се многу пари.

Веднаш по најавите за основање на Левица одредени портали во јавноста пласираа обвинувања кон иницијативата за „одработување кон владејачката партија со план за цепкање на опозициски гласови“. Го прашавме

На кои гласови претендира Левица

Демири дали смета дека формирањето на новата партија ќе и`наштети на опозицијата на следните избори, на што тој одговори дека за нив изборите не се императив и дека дури постои шанса партијата да не се појави на следните избори. Сепак, тој рече дека верува оти и во случај да учествува партијата на изборите, тоа нема да одземе ничии гласови:

„Оние гласачи кои се одлучиле да гласаат за најголемата опозициска партија СДСМ, ништо нема да ги премисли да гласаат за новата политичка партија. Но има луѓе кои велат, доколку вие не направите политичка партија ние нема да гласаме на следните избори затоа што не гледаме никаква суштинска разлика помеѓу позицијата и опозицијата”, вели Демири.

„Ленка“ и „Солидарност“

Иако одредени членови на „Солидарност“ се дел од Левица, ова левичарско движење се огради од формирањето на новата партија и ја информираше јавноста дека нема да делуваат партиски, ниту да даваат логистичка поддршка за која било политичка партија. Тие потенцираат дека индивидуално право на членовите на „Солидарност“ е да се вклучат во постоечки или идни политички партии или граѓански листи, по сопствена волја и на сопствена одговорност, но нагласуваат дека мнозинството од членството на движењето, вклучително и оние кои се негови правни застапници и вработени не се активни членови на ниту една партија.

Движењето за социјална правда „Ленка“, пак, го поздрави основањето на новата партија и потврди дека речиси целокупното нивно активно членство работи во насока на популаризирање и идна судска регистрација на партијата, но дека „Ленка“, сепак, ќе продолжи да постои како самостоен правен субјект.

Идеологија и реалност

Новоформираната политичка партија Левица, предизвика внимание во медиумите на македонската политичка сцена. Појавата на партија на левицата на антагонизираната партиска арена, на која главни играчи се по две етничко-македонски и етничко-албански партии, чии лидери, под покровителство на меѓународната заедница, преговараат за надминување на длабоката криза во која се наоѓаат македонското општество и држава, отвори многу прашања.

Универзитетската професорка д-р Мирјана Малеска, за Гласот на Америка на македонски по повод појавувањето на партијата на политичката сцена на Македонија изјави:

„Прилично е рано за коментар. Историјата покажува дека во многу случаи има разлика меѓу идеологијата на една партија и нејзиното практично дејствување. Сепак, од Платформата на Левица може да се заклучи дека основачите се инспирирани од социјалистичката идеологија на социјален и економски систем кој тежнее да го зголеми богатството и можностите за сите луѓе преку општествена (читај: државна) сопственост и контрола на индустријата, како и контрола врз социјалната распределба“.

Утописка идеја?

Професорката Малеска потенцираше дека новите левичари „од историските социјалистички или комунистички партии се разликуваат по тоа што ги прифаќаат демократските ‘правила на игра’ за учество на избори и доаѓање на власт преку изборна победа, така што би рекла дека станува збор за социјалдемократска партија, а нејзините млади, образовани, отворени и веќе искусни активисти, ќе мора со тек на време да се сообразат со реалноста на политичкиот плурализам. Иконографијата, начинот на искрено и емотивно обраќање до јавноста, вредностите на правда, еднаквост, солидарност..., за кои се залагаат во Платформата, потрагата по поправедно општество и политики кои бараат егалитарни и редистрибутивни реформи, секогаш кога е тоа возможно, за мене се разбирливи и трогателни“.

Но, сепак, според Малеска, „укинување на класното општество, како што се декларира, и потрагата по наполно праведно општество е прилично утописка идеја која се откажува од политиката како дебата околу важните прашања во општеството кои главно произлегуваат од неправда“.

Времето ќе покаже колку се реални очекувањата на основачите, додава Малеска, но таа вели дека секако „ќе ја освежат политичката сцена во земјата“ и им посакува успех.