Македонија искористила помалку од 40 проценти од предвидените средства со програмата Ипа 1 на Европската Унија. Тоа значи дека пропаднале околу 400 милиони евра, од вкупно 600 милиони.
Некои капитални инфраструктурни проекти, како што се изградба на колекторски систем на Охридското Езеро и пречистителни станици, не се реализираа поради повлекувањето на дел од средствата. Некои проекти се привремено суспендирани, се` до решавање на политичката криза, вели за Гласот на Америка, Бојан Маричиќ, од граѓанската организација „Евро тинк“. Ова е штетата која Македонија ја трпи на нејзиниот пат кон евроинтеграциите:
„Пропаднати се пари наменети за Македонија, без камата кои се практично помош за Македонија која не мора да ја враќаме. Не се кредити, кои се покажаа како омилени на досегашната власт, и тоа е голема штета за државата. Голем број на клучни проекти пропаднаа. Имаме проекти, афери како 'Актор' која се` уште не е расчистена. Дефинитивно има простор за работа и подобрување во секторот ЕУ помош “, вели Маричиќ.
Овие податоци беа изнесени на конференција во Охрид, каде 160 граѓански организации разговараа за тоа како да се искористат повеќе пари кои ЕУ ги дава за Македонија со новата програма Ипа 2, со важност до 2020-та година, а тоа се повторно 660 милиони евра.
„Многу слаба искористеност има во компонентата „5“ или „Ипард“, а тоа е рурален развој, каде секоја година има повраток на 14-15 милиони евра на годишно ниво, средства кои се враќаа во буџетот на ЕУ“, вели граѓанскиот активист Александар Колекески.
„Ние сакаме со нашето учество како граѓански асоцијации да посочиме на проблемите, да помогнеме да се олеснат, но и да се зајакнат капацитетите на оние кои би ги искористувале грантовите и фодовите во иднина. Владините институции мора да се обучат за навремено да поднесуваат апликации на начинот како што треба“, истакна Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко свест“.
Слабиот капацитет на државните институции, бизнис секторот и невладините организации се посочуваат како главни фактори за слабата искористеност на овие пари.
Граѓанскиот сектор предупредува дека заради идно неискористување на средства од страна на Македонија, постои можност тие да бидат пренасочени кон друга земја, што ќе покаже подобри капацитети.