„Над 455.000 граѓани во Македонија не можат да си дозволат барем еден достоен оброк дневно. Тоа се застрашувачки бројки, некој би рекол и дека не се реални. И ние сметаме дека можеби има грешка во оваа констатација, но со сигурност можеме да кажеме дека над 70.000 македонски граѓани имаат само 2 до 3 оброка неделно. Тоа е факт од терен и се темели врз бројни истражувања што ги имаме спроведено во изминатиот период“, го започна разговорот за Гласот на Америка на македонски јазик, челникот на организацијата, која веќе осум години се залага за социјална правда и за надминување на проблемот со гладта во Македонија.
„Банкарството за храна е посебен тип систем, филозофија, пристап и помош на социјално загрозените семејства. Имавме голем отпор од властодршците за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, сега вратите полека се отвораат, за жал, сè уште недоволно. Народните кујни опфаќаат само 7% од вкупната популација на која и` е потребна помош. Низ Македонија има само триесетина народни кујни и опфаќаат околу три-четири илјади корисници, а само бројката на социјално загрозени семејства, приматели на социјална помош е над 25.000“, изјави Душко Христов, директор и финансиски менаџер на „Банката за храна – Македонија“, со кого разговаравме по повод Светскиот ден на социјалната правда - 20 февруари.
.„За почетоците на ‘Банкарството со храна во Македонија’ треба да се вратиме во 2009-тата година, кога група на хумани луѓе, петнаесеттина пријатели и членови на нашите семејства, кои во одредени ситуации се собираа преку тогаш ретките социјални медиуми, сепак, успеаја да најдат мотив, начин и можности да се здружат и да закажат ‘Битка против гладта’. Тогаш, собиравме значајни количества храна и прехранбени производи, но и облека, училиштен прибор, а имаше и донации во мебел“, се сеќава Христов на зародишот на активностите.
Христов вели дека „банкарите со храна“ во Македонија, своите активностите ги зачестиле, и почнале интензивно да ја претставуваат целта и мисијата на својата организација, на почетокот на 2011 година.
„Како официјален почеток на работата го сметаме април 2011, кога бевме поканети и за првпат бевме гости на годишното собрание на Европската федерација на банки за храна (ФЕБА) во Лисабон, Португалија. Истата година, во декември 2011, веќе добивме дозвола да го користиме логото на ФЕБА и преку посебен придружен статус, преку еден проект на ФЕБА, почнуваме да му ‘припаѓаме’ на големото европско семејство, во кое членови беа тогашните, 242 банки за храна. Оттогаш до денес, како ‘Банка за храна – Македонија’, сме постојани учесници на сите годишни собранија на ФЕБА, со право на дискусија и на предлози, но без право да можеме да бираме и да бидеме бирани во раководните тела на Федерацијата. Сепак, се надеваме дека оваа, 2019-та година, ќе станеме и полноправна членка на огромното европско семејство, бидејќи сите услови за полноправно членство се исполнети од наша страна“, вели Христов, и додаде:
„Европската федерација на банки за храна е најголемата мрежа на банки за храна во светот, која има 386 членки - банки за храна во одделни држави, но Федерацијата на германските банки за храна - ТАФЕЛ, на пример, има дополнителни 934 членки, што значи дека има над 1.300 банки за храна, кои се во директна соработка со над 44.700 граѓански иницијативи и организации и со над 23.500 волонтери. Секој ден, преку овој систем, вклучувајќи ја и Македонија, се дистрибуираат над 4,1 милион оброци. Минатата година се собрани и поделени над 750.000 тони храна, што како еквивалент, одговара на директна помош на дневна основа на над 8,1 милиони луѓе во светот“.
Почетоците на „Банката за храна – Македонија“ не биле лесни. Првите донации во храна и прехранбени производи кои пристигнале во „Банката за храна – Македонија“ биле од хумани поединци, пред сè од основачите и членовите на нивните семејства.
„Првите официјални претставувања на Банката за храна беа упатувани до тогашните носители на јавни функции во Владата и на сите градоначалници, како и на дел од лицата за кои сметавме дека се влијателни во македонското оопштество, но, повратна информација добивме само од тогашниот градоначалник на Општина Струмица, актуелниот премиер Зоран Заев. Но, веќе 2012-тата беше плодна година со голем успех во собирањето и поделбата на храна и на прехранбени производи на семејствата и поединците во социјален ризик. Оттогаш до денес, собравме и поделивме над 600 тони храна, според формулата на ФЕБА, значи над 3.000.000 оброци. Таа помош стигна до над 3.000 луѓе ширум државата, а од 2013-та, секој ден, 365 дена во годината, поддржуваме над 300 лица. Од 2017 година, со партнер-организацијата ‘Еурохуман - интернационал’ од Скопје, во предградијата на Скопје, на периферијата, на месечна основа поддржуваме над педесеттина социјално загрозени семејства, со по еден прехранбен социјален пакет“, вели тој.
За новите преизвици пред неговата организација, Христов вели дека во изминатите години, акцент ставале на средување и „чистење“ на листите на корисници „бидејќи значајна бројка корисници и не заслужува ваков вид на поддршка, можеби треба да добијат некоја друга поддршка, но не и храна и прехранбени производи, зашто, можеби имаат ‘доволно’ да го поминат денот или месецот, односно, помошта им е понеопходна на други корисници“.
„Предизвик на денешницата за нас е и изнаоѓање на енергија за обединување на сите иницијативи кои се изродија во изминатите три-четири години, кои се за поздравување, но сега, мора да најдеме заедничка основа за синергија меѓу сите нас, зашто, во спротивно - страдалниците пак ќе страдаат, а тоа никому не му е во корист. Ваквите инцицијативи се само уште еден показател дека борбата против сиромаштијата и заложбите за нефрлање храна не смеат да се пренебрегнат, зашто се доволен показател за состојбата во македонското, па и во други, поразвиени општества“, потенцираше Христов.
Тој вели дека Банката за храна - Македонија веќе седум години, преку ФЕБА ги добива податоците од цела Европа, и заклучокот е дека ситуацијата никаде не е не „розова“, дека лица во социјален ризик, сиромаштија и немаштија, има и во развиената Европа, но дека таму се работи за општества во кои свеста кај граѓаните и нивните иницијативи, кај институциите и кај бизнис-заедницата е на повисоко ниво.
„Сите тие наоѓаат заеднички именител кога се работи за помош и поддршка на групите социјално загрозени граѓани, и се обединуваат во глобалната акција против фрлањето храна, бидејќи гладта е најтежок вид на сиромаштија“, истакнува Христов.
На прашањето што може да се стори за да се поттикне нефрлањето односно донирањето на вишоците храна во Македонија, Христов набројува:
„Во рамки на Законот за безбедност на храна (ЗБХ) треба да се дефинира што е вишок храна, кои се непрофитни оператори со храна кои редистрибуираат донирани вишоци храна, кои се крајни корисници; да се дефинира и регулира системот на донирање вишок храна што ќе гарантира следливост на храната, на безбедноста, правата и обврските на сите инволвирани страни; да се донесе Стратегија за управување со вишокот на храна, која ќе ја уреди хиерархијата за управување со вишокот храна, според примерите на Франција, Велика Британија, Италија, да се спроведе анализа за висината на средства кои годишно се потребни за безбедно да се донираат, складираат и редистрибуираат донираните вишоци храна, да се почне со сериозни едукативни обуки, акции и кампањи“.
За досегашниот успех на акцијата во Македонија, Христов го истакнува придонесот на организациите – партнери.
„Во 2018 година се собрани и поделени над 112 тони храна која стигнала до над 3.000 корисници, по разни основи и потреби, но сето тоа не може да се реализира без оние со кои заеднички, секојдневно ја биеме ова макторпна и секојдневна битка: Организацијата на жени од Струмица, ‘Младинска алијанса’ од Тетово, НРЦ од Куманово, ЦГИ од Прилеп, МКЦ од Битола, ‘Порака4 од Неготино, РЕТО-центарот од с. Батинци, ‘Еднакви за сите’ од Кочани, КОР од Скопје, ‘Еурохуман-Интернационал’ од Скопје, ‘Куќа на надежта – Ленче Здравкин’ од Велес, ‘Еко живот’ од Кавадарци, Сојузот на хуманитарни организации од Скопје, МХД од Тетово, „Вавилон центар’ од Струга, како и многу други поединечни граѓански иницијативи кои се јавуваат во одредени периоди од Скопје и од другите градови и општини од државата“.
„Бројни се компаниите кои полека, но сигурно, се приклучуваат на нашата заедничка иницијатива за борбата против сиромаштија и за нефрлањето храна. Бројни се и инцијативите за соработка кои доаѓаат од локалните власти, градоначалниците на општините Центар, Кавадарци (акциите „Нула глад“, со кои се обезбедија доволни количини на храна за прехранбени пакети за над 220 семејства - 120 во Центар и 100 во Кавадарци), но и на Прилеп, Брвеница, Јегуновце, Делчево, Пробиштип. Тие ја препознаа филозофијата на ‘Банкарството со храна’, како добар модел за помош и поддршка на социјално загрозените семејства. Сè уште сме во фаза на вербална поддршка од Владата и министерствата за труд и социјална политика и за земјоделие, но очекуваме сè повеќе институции да го прифатат овој модел на директна помош насочена кон социјално загрозените и сиромашни наши сограѓани, а со тоа и директната борба за справување со сиромаштијата и гладат во нашето општество“, ни изјави Христов, и нагласи:
„Како потврда на нашите заложби и достигнувања во изминатиот период, дојде и тригодишниот проект ‘ВСС Ефект – зајакнување на капацитетите и подобрување на надлежностите за вистинско ублажување (со храна) на сиромаштијата“, поддржан од ЕУ, а чија цел е поттикнување на донесување на законска регулатива што ќе го превенира и редуцира отпадот од храна, со дополнителен фокус на јакнење на капацитетите на партнерските организации на „Банката за храна“, како и на мотивирање на пошироката јавност за заедничка борба против сиромаштијата и гладтта во земјата. Ова е прв ваков проект финансиран од Европската унија во делот на банките за храна и регионот на Југоисточна Европа. Ние и годинава продолжуваме со нашите активности - со исто и зголемено темпо: ќе работиме на ширење на Коалицијата против гладта и против фрлањето храна, зашто проектот е многу значаен за нашата организација, со помошта која е обезбедена од ЕУ и Делегацијата на ЕУ во Скопје“.